Мојот пат со среќен крај – Неплодност и тешкиот пат до мајчинство

by martin

Во себе чуваме енергија која мора да биде разумно искористена. Колку и да сме заробени во нашите сомнежи и не сакаме да ја пречекориме нашата сигурна зона, ние едноставно треба да сфатиме дека треба да создадеме експлозија која светот ќе ја почувствува.

Борбата со неплодност може да ви го заземе животот. Луѓето не гледат и зборуваат некои зад грб, а има и похрабри или поискрени кои и советуваат нешто подруго од медицина. Сите се паметни, сите знаат повеќе од нас. Полни се со претпоставки и осудувања зошто не ти успева.

Се чудам на нивната храброст, како лесно можат да ги кажат тие зборови, а не знаат што поминуваме, што било вчера,  како без да се запрашаат или без да претпостават имаат храброст да кажуваат нивно тврдење или некоја приказна за некои двајца која ја слушнале на телевизија или пак некој им раскажувал.

Се било до главата велат!

Опушти се и само така ќе успеете!

Ќе ти кажат и посвои прво дете, тоа ќе ти донеси среќа…

Во цела ова борба, само стои исправена со насмевка на лицето за никој да не открие низ што поминуваш. Бидејќи луѓето зборуваат!

Со тек на време ќе дојде моментот и ајде и вие ќе се радувате, а потоа веќе им биде незгодно и да коментираат, па само жални погледи ќе упатуваат.  Таквите како нас денес ги има многу. Некој  јавно ја признаваат борбата со која што се соочуваат, некои ја кријат. Ние ја криеме нашата болка во нас и се бориме и чекориме по едн многу трнлив, тежок и мрачен пат. И ќе речат, лесно и е неа..не ми е лесно, тон  тежина ми носи срцето, лутина и бес ми ја пара душата,  кога ќе видам мало дете, бремена жена  грутка ми стои во грлото, се борам солзите да не ме издаат и едвај чекам да стигнам дома. Бидејќи и тие се веќе истренирани, не се пуштаат во јавност, само дома. Да, ние сме јаки и спремни за секој следен чекор во оваа борба…Но, само ние знаеме што носиме во душата и колку е само овој пат тежок. Тежок е….навистина е тежок и мачен овој пат.

Неплодност….. кога ќе го слушнев зборот неплодност, се мразев себеси, бев облеана во тага со скршено срце. Сите соништа ми беа одземени. Неплодност – причина поради која јас неможам да останам природно бремена … Срцето ми се давеше во тага поради неможноста да станам мајка како повеќето жени. Неплодноста, има многу работи што ги донесе со себе кога влезе во мојот живот. Не беше само фактот дека не можев да забременам. Ми донесе повеќе солзи отколку што можев да замислам дека ќе пролеам. Колку пати лежев на подот во бањата чувствувајќи целосна празнина по безбројните негативни тестови за бременост.

Колку примени инекции, колку модринки по телото и секакви лекови. Колку третмани за помош за соочување со ситуацијата… Скапо, исцрпувачки физички, психички, емоционално и ментално. После секој негативен тест срцето удавено во разочарување и агонија. Меѓутоа и покрај се мојата сила секогаш растеше. Станав премногу силна. Се  чувствував како супер жена по сите тие инекции, лекови, крвни тестови, оперативни зафати, болнички ходници, посети на лекар итн. најдов и емоционална сила, исто така. Самиот овој пат ме научи да бидам храбра. Да, мора да признаеме дека сме навистина многу храбри. Не секој може да го чекори патов.

Неплодноста  имаше голем дел од мојата животна приказна, но никогаш не ме дефинираше. Ја победив. Ја поразив. И покажав дека има победа и во неплодноста и Бог конечно засади живот во мојата утроба. Да засади две срца под моето срце. На шест недели после трансфер зачукаа две срценца во мојата утроба.

Следуваше уште еден  болен период  секојпат кога ќе ги кажев зборовите „Бремена сум“ добивав повратно прашање од кого? Дали се децата на мојот сопруг, а јас не можев да одговорам на тоа.

Но, сепак, тоа ми донесе повеќе верба и надеж. Да не беа тие луѓе кои екстремната болка во срцето ми ја предизвикаа, лагите што ги кажауваа, тагата која ја предизвикуваа во моето срце повторно и повторно, немаше да ја разбирам надежта како сега. Надежта не разочарува. Надеж е да се има верба во она што изгледа невозможно. Тоа е верување кога ситуацијата изгледа безнадежно.

Денес кога се сеќавам на тие мигови, тие години кога се беше дел од нас можам да кажам ти благодарм Господе што ми даваш сила и моќ за да го разберам опкружувањето.

После  3 години од како тие две мали срценца дојдоа на свет по патот на ИВФ нашата приказна не застанува. Јас сум повторно бремена. Бремена по природен пат.  <3

 

Ана Андреевска

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

 

Слични содржини