Таа е мајка на тоа дете, а тоа дете за мене е дете на мојата другарка

by natasha

*Што претставува процесот на донација?

Процесот на донација конкретно за мене претставува еден хуман гест со кој им се помага на паровите и на поединците да се остварат како родители.

*Кое е Вашето лично искуство, и која е причината поради која се одлучивте да донирате јајце клетки?

Непосредно по еден разговор дознав дека мојата пријателка има многу ниско АМН и еденствен начин да се оствари како мајка и е по пат на донација. Бидеќи ми беа потребни 12 години и 7 ин витра за да се остварам јас како мајка, ја препознав желбата и болката низ која поминува и се понудив да и помогнам. Бев запознаена со цените на дониран материјал и знаев дека мојата пријателка неможе да си дозволи да купи. Низ таа голгота поминуваат многу жени кои ги познавам и навистина им е потребна помош од најблиските. Ако жена не помогне на жена, нема кој да ни помогне. Чуството да донираш, да помогнеш, да подариш живот, лично јас го доживеав како еден најубав гест што можеш да го направиш за некого. Кога и кажав дека јас сакам да и донирам нејзината реакција на неверување и среќа ми го стопли срцето. Кога ми се јави да ми ја соопшти најубавата вест за неа, трицифрена бета и денот кога се оствари како мајка, чуството беше неописливо убаво. Таа е сега прекрасна и најсреќна мајка на нејзиното најубаво детуле.

*Кои критериуми треба да се исполнат за една личност да биде донор на јајце клетки?

Според законот донорот треба да биде физички и здравствено во добра сотојба, да има уредни генетски испитувања (тука спаѓаат и наследни болести), психички да биде подготвена на чекорот што го прави. Посетата кај психолог кој што ги објаснува сите придизвици со кои ќе се соочиме во процесот и во иднина е клучна за одобрение за донор. Се посетува нотар и адвокат каде што законски се откажуваш од правата и обврските спрема тоа дете.

*Дали постои ограничување колку пати може да се биде донор?

Во нашата земја, со оглед дека сме мала популација од прилика 2 милиони население, дозволено е да се биде донор на еден примател и тој примател да роди до 2 живородени деца. За сето ова се води евиденција во Централниот регистар на донори и приматели.

*Што се случува после донацијата? Дали постои можност за контакт? И кои се правилата?

Во однос на ова прашање клучно е дали донацијата е анонимна или не. Контакт ќе постои многу нормално доколку се познавате. Конкретно во нашиот случај ние се дружиме и не е сменето ништо во нашиот однос. Таа е мајка на тоа дете, а тоа дете за мене е дете на мојата другарка.

* И за крај, кој е односот на нашето општество на оваа тема?

Кога целата јавност би била запознаена со проблемите со кои се соочуваат ин витро пациентите и кога без срам и плашење би се зборувало на темата, и кога родителите кои добиле деца по пат на ин витро не би се срамеле да го кажат тоа ова ќе биде и ќе остане табу тема во нашето општество. Затоа е убаво јавно да се говори на оваа тема како би си помогнале меѓусебно. Доколку мојата пријателка не разговараше со мене и не ме запознаеше со нејзиниот проблем, немаше да бидам во можност да и помогнам. Затоа мој совет е да не се плашите и срамите, отворено да зборувате за своите проблеми, затоа што никогаш не знаете кој може да ви помогне.

Прашањата ги постави: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска

Одговори: Зоја

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини