Менталните и физичките реперкусии од сурогат мајчинството

by natasha

Кога се справуваме со болест како што е инфертилитетот, можеби најважното нешто што треба да го знаеме, и на кое треба да бидеме подготвени се сите ризици кој ги носи самиот процес на вонтелесно оплодување и да го прифатиме фактот дека некои од нив се контролираат, но некои не.

Кога би специфицирале, би потенцирале дека процесот на сурогат мајка можеби со себе носи голем број на физички и ментални реперкусии на секој оној кој учествува во тој процес. Еден од условите во македонското законодавство, впрочем и насекаде во светот кој се однесува на гестацискиот носител е пред се таа да биде психички и ментално здрава. Според Светската здравствена организација менталното здравје е:

Состојба на благосостојба во која индивидуата која ги реализира своите сопствени способности, може да се справи со нормалните стресови во животот, може да работи продуктивно и е во состојба да придонесе за својата заедница.

Репродукцијата е област која ги афектира жените, а со тоа и нивното ментално и телесно здравје. Одредени развиени методи во таа област го бараат нашето етичко внимание поради импликациите и конфузиите кој настануваат со самиот концепт на мајчинство.

Постојат неколку аспекти во целиот тој процес на една бременост преку сурогат, кои произлегуваат од самиот однос на парот кој ќе го добие детето и кои влијаат на психо-физичкото здравје на гестацискиот носител. Во зависност од тоа кои услови се поставени во договорот (на пр. да се одреди каков вид на храна е дозволено за време на бременоста и  во текот на цела бременост), сурогат мајката може дополнително да биде оптоварена поради високите очекувања да роди здраво дете.

Следно нешто на кое треба да се обрне внимание е контактот со гестацискиот носител, за време на и по бременоста, иако таа одлука е индивидуална. Постојат случаи каде гестацискиот носител смета дека има право да учествува во воспитувањето на детето, затоа што го носи 9 месеци. Но, исто така со тој контакт, секојдневно би била потсетувана на детето од кое се откажала.

А што со оние случаи кога гестацискиот носител е и генетски поврзан со детето? И нешто на кое што скоро никогаш не обрнуваме внимание тоа е прашањето, што се случува со детето кое е плод на целиот процес?  Според нашето законодавсто детето има право да го знае своето потекло кога ќе наполни 5 години. Но, дали тоа знаење остава одредени последици?

Другиот аспект за кој ќе говориме се физичките последици или телесното здравје на гестацискиот носител. Поради текот на целиот медицински процес, потребна е примена на разни терапии (лекарства) за време на оплодувањето. Имајќи предвид дека цените на инвитро процесот се високи, во поголем дел од постапките е потребно да се поттикне овулација на јајниците со хормони за да произведат повеќе јајце клетки во однос од природниот циклус. Тоа е една од причините поради кои одредени лекови може да имаат неповолни влијанија, што е штетно по репродуктивното, но и целокупното здравје на жената. Еден од контра ефектите што се јавува е карцином на јајници, една од најсмртоносните болести за жената .

Во однос на здравјето на сурогат мајката, не постои можност во целост да се следи, дури ни самиот процес бидејќи при примање на одредени лекарства, може да се активираат болести за кој постоела претходна склоност. Такви би биле дијабетис, преклампсија и еклампсија (зголемен крвен притисок).

Следната процедура е царскиот рез, кој можно е да заврши со постоперативни компликации:

*За бебето

– проблеми со дишењето т.е забрзано дишење во првите неколку дена (transient tachypnea)

– во ретки случаеви бебето може да има лузна од операцијата

*За мајката

-инфекција

-крварење за време на пораѓај или по него

-реакција на анестезијата

-зголемен ризик за наредните бремености

-тромбоза

Со овој текст сакаме да ја истакнеме важноста на психолошката состојба и телесното здравје на гетацискиот носител, на кои впрочем треба да се обрне многу внимание. Секако пред да се потпише било каков договор,  сите учесници се информирани со сите можни  ризици од целиот процес и сите можни ситуации како на пример развод, смрт, абортус, разделба со детето. Бидејќи практично е невозможно да се контолира целиот процес поради разни биолошки и човечки односи, доаѓаме до заклучок дека личноста која сака да биде сурогат се впушта во целиот процес имајќи предвид на основните ризици и последици од целата ситуација, и нејзината намера е алтруистичка.

Автор на текстот: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини