Пет години борба со неплодност…Пет години надеж што се крши и повторно се гради. Солзи што никој не ги гледа, но се чувствуваат во секој дел од тебе. Тишина што тежи повеќе од се…безброј инекции, хормони…чекања што траат вечно.
Секој месец нова надеж… и ново разочарување. И не е само тоа…хаос од документи, испитувања, резултати. Повторувања, редови, упати, анализи… како да се губиш во систем во кој треба да најдеш сила, а ти веќе си на граница. Борба не само со телото, туку и со целиот процес што знае да биде тежок колку и самата болка.

Во таа борба, не се менува само телото, се менуваш и ти. Карактерот ти станува посилен, но и поранлив. Доаѓаат денови кога не се препознаваш сам себе. Кога се гледаш во огледало и се прашуваш каде си ти во сето ова… и се бориш да не се изгубиш во битка која е само твоја.
Околу тебе милион „совети”. Секој добронамерен, луѓе што те гледаат… некои со разбирање, а некои со сожалување. А токму тоа сожалување боли најмногу.
Но, имаше и луѓе… тивки, без многу зборови, без прашања. Луѓе што само беа тука. Поддршка што не се објаснува, туку се чувствува. Благодарност до сите нив што беа нашата сила кога ние се кршевме.

Три инвитро обиди…Три пати да го собереш срцето од парчиња и повторно да веруваш…И кога веќе мислиш дека немаш сила… третиот пат — чудо.
Со неизмерна благодарност кон моите доктори и целиот нивен тим, кои беа светлина во најтемните моменти и ни дадоа надеж кога ни беше најпотребна.
И денес…после сè…во нашите раце држиме живот. Нашето мало чудо, нашата среќичка, Петра ♥.
Ова не е само среќен крај.Ова е доказ дека не се откажавме кога најмногу болеше.Дека издржавме кога мислевме дека не можеме повеќе. И ако повторно би требало да поминеме низ сè…низ секоја болка, секоја солза, секоја изгубена надеж, би го направиле истото. Само за да стигнеме до неа. 🤍

Оваа приказна ја споделувам за да ги охрабрам сите кои поминуваат низ истиот пат, да истраат до крај. Да веруваат, дури и кога е најтешко. И да потсетиме дека на оваа тема треба да се зборува повеќе…гласно…отворено. Затоа што ништо од ова не е срамно.
Со почит
Елеонора Стамболџиева Перишиќ
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ИВФ. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!
