Тоа е мојата приказна

by natasha

Пишувам од душа, од срце, за сите оние кои само што дознале, или веќе со години се борат со неплодноста.

Се започна еден есенски ден 2018 год. Дознав дека треба да чекорам по еден непознат пат, наречен ин витро. Со самото зачекорување на тој пат ја осознав болката и сфатив дека тој пат е трнлив.  Падна мојата прва солза, солза која стана камен во мојата душа. Сакам да споделам со вас бидеќи сте мои сопатници и да ви кажам колку бев силна. Со мојата приказна да ве поттикнам, да ви дадам храброст и сила, да не откажете и да продолжите да чекорите по овој пат, зошто на крај на патот ве чека вашата среќа.

Да не должам…

Првата дијагноза беше на мојот сопруг, тератозоспермија со само 4% нормална морфологија на спрематозоидите. Бевме на уролог, едноставно ни беше кажано тоа не е можно да се поправи освен нешто минимално со витамини и суплементи кои ни ги препорачаа. Докторот ни кажа дека не страшно. Неговиот план беше да ги сортираме добрите спрематозоидите, да ги оплодиме јајце клетките и да направиме трансфер.

Ех си реков, супер. Но, не беше лесно…Првото ин витро беше неуспешно. Започнавме со нови испитувања.

Резултатот од АМХ-0.39. Оштетени јајцеводи (претпоставка од операцијата на слепото црево). Ајде операција, ми ги отстранија јајцеводите. Го поминав сето тоа  без ниту една солза, бев силна, си реков овој пат ќе успеам.

Сменивме клиника, ајде друго мислење, одново испитувања, кариотип, генетски мутации, хла типизација кај двајцата. Резултатите покажаа дека имам тромбофилски мутации, пак проблем, друго се во ред. Започнав со терапија за тромбофилските мутациите, пак стимулации… резултат, нема јајце клетки. Пак разочарување.

Друг доктор, три обиди кај него две јајце клетки. Супер, си рековме. На последниот преглед LH хормонот се зголемил, настапила овулација. Престанав со терапија. Повторно разочарување, солзите пресушија, немам веќе ни солза. Ми стана сеедно, одев каде што ќе слушнам, манастир, црква, молење секоја вечер. Реков ќе станам мајка, по сито и решето ќе одам, ама ќе станам мајка на било кој начин.

За 6 месеци започнавме со новата ин витро процедура. АМХ паднат многу ниско, добив препорака за со донирани јајце клетки, ама јас сакав да пробам уште еднаш. Овој пат терапијата беше со послаби стимулации. Добивме една убава јајце клетка, се оплоди и ми ја вратија на трети ден.

И, еве милички мои, влегов во деветти месец, и ја исчекувам мојата радост, мојата ќерка.

Дај Боже да не чува Бог до крај.

Ви посакувам на сите да успеете, како што успеав и јас…

Тоа е мојата приказна…

Никогаш немаше да дознаам колку можам да бидам силна, борбена и пред се да издржам психички…

Верувајте физичката болка е минлива, бидете силни,  ќе му требате на вашето бебе кога ќе успеете. Затоа ќе ве замолам, колку и да ви е тешко,  прегрнете го вашиот партнер, тој е вашата најголема поддршка. Јас без мојот сопруг немаше да успеам и му благодарам што го одеше овој пат со мене и беше покрај мене.

E.K

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини