Нашата животна приказна

by Zoja Samandova Petrusheva

Бевме млади и секако вљубени. Млади стапивме во брачните води. Поминаа неколку години , а на повидок никако не беше она по кое копнеевме – по плодот на нашата љубов. Решивме дека е потребно да побараме стручна помош и лекарски преглед. Уште на првиот и веќе вториот преглед, ни беше потврдена дијагноза за брачна неплодност. Шок, гром од ведро небо во нашите животи. Се затворивме во себе и единствено само понекогаш разговаравме помеѓу нас за проблемот со кој се соочивме во нашите животи. Никој, ама баш никој не знаеше низ што ние поминувавме. Ниту мојата мајка, сестра (со кои сум поврзана со една нераскинлива врска), ниту неговите родители, значи баш никој. Не можев да разговарам, од една страна ги штитев , бидејќи знаев дека кога ке ја слушнат веста, ќе го доживеат сето она низ кое ние поминавме. Од друга страна еве го срамот кој беше присутен, стравот од непознатото. Но, мајка како мајка, сестра како сестра, нели бараат начин да ти помогнат. Колку пати мајка ми ми закажуваше на преглед кај гинеколог и ме водеше , а јас молчев. Ако претходно имав можност да му соопштам на само на гинекологот дека ние имаме брачна неплодност, тој ќе и речеше на мајка ми да излезе, а ние само ќе поразговаравме. Потоа следуваа прашања од нејзина страна, што ти рече лекарот, ти даде ли терапија, кога пак треба да одиш, и секогаш измислував некои лаги до наредниот пат. Еднаш дури , замислете, мајка ми даде да пијам хормонска терапија, затоа што ќерката на нејзина пријателка ги пиела и забременила..па… пиев и јас…. Ме водеа на бајачки, гатачки,..каде ли уште не,  а јас упорно си молчев без да ја споделам болката со нив.

Што се случуваше во тој период ?

Што најмногу ми сметаше ? Она кога случајно ќе те сретне комшивката во зградата или некој познаник и најпрвин што ќе те праша е : „Аман веќе, што чекате, кога ќе затрудниш, кога ќе раѓаш, годините си минуваат “. НЕ МОЖАМ НИ ПРИБЛИЖНО ДА ОПИШАМ ШТО ЧУВСТВУВАВ ВО ТИЕ МОМЕНТИ . Колку пати бев повредена на тој начин, колку пати одново и одново ја доживував истата болка, кога ни самата не знаев да си одговорам  на прашањето, а не да и дадам соодветен одговор. Некогаш имав чувство дека таа комшивка води евиденција за мојот месечен циклус и моите плодни денови , па треба да и дадам соодветно објаснување.

А замислете какво беше и чувството кога ќе слушнеш дека твојата пријателка, другарка, роднина забремениле.Повторно болка, повторно страдање.

Се  додека еден ден не се појави натпис во весник , „ лекар од Македонија започнува да припрема брачни парови кои се борат со неплодноста за да заминат на вонтелесно оплодување во Прага“. Бев избезумена од среќа. Во тој период работев во приватна здравствена ординација, кај лекар кој ми помогна многу во мојот живот. Веднаш отрчав со весникот во рака, и замислете, лекарот кај кого работев бил колега од факултет со Др.Петановски кој ја предводеше екипата.

Се се случи како на филмска лента. Стапија во контакт, ме договорија за преглед уште наредниот ден и не толку далечната 2000 год. нашиот животен филм започна. Целиот процес од првиот контакт со Др.Петановски до нашето заминување во Прага траеше од месец октомври до месец мај наредната година. Тогаш решивме и да им соопштиме на нашите блиски за проблемот кој го имавме и чекорот на кој се одлучивме. Повторно прашања и подпрашања, зошто,како, кога, од кога, недоумици, неверување, срам !!! Единствено што секогаш ќе го паметам е храброста и решителноста која ја имавме со мојот сопруг. Ние заминавме со цврсто убедување дека ќе успееме, и навистина успеавме уште при првиот обид.

Неколку месеци ни траеја припремите. Др.Петановски работеше во поликлиника Чаир, и скоро секој ден одевме за Скопје на преглед и мерење на бројот и големината на фоликулите. Се сеќавам дека примав терапија за стимулација на јаниците, за која терапија имав сметкопотврди од 128 000 денари. Во заедничката борба и иста цел бевме 5 брачни пара. Претходно се запознавме и се поврзавме во проблемот кој заеднички го имавме.

Дојде и тој ден, да во месец Јуни заминеме за Прага. Се беше прецизно организирано. Авионски лет, пристигнување, сместување, веќе наредниот ден преглед во клиниката, мерење на големината на фоликулите и донесување на одлука дека наредниот ден ќе се прави пункција. Јас безрезервно верував во др.Петановски, во ниту еден момент не помислив што ќе се случи ако дојде до предвремено прскање на јајце клетките и пропаѓање на целиот процес.. не, едноставно како што реков, верував и знаев дека назад во Македонија ќе се вратиме како идни родители. Во нашите очи тој беше Бог. Ми направија пункција, имав 40 зрели фоликули, од кои 10 прекрасно оплодени до стадиум бластоциста. Тие три дена од пункција до нивен трансфер кај мене, јас и мојот сопруг ги поминавме како да сме на меден месец. Ја шетавме Прага, Карлови Вари, уживавме во нејзината магија, се радувавме дека најдовме начин за да ја оствариме нашата цел. До ден денес ги паметам вкусовите на малите специјални сендвичи во нивните локални продавници и специфичниот вкус на зачини карактеристични за нивната кујна. Знаете, има некои моменти кои се паметат доживотно. А таков беше и тој момент.

5тиот ден кај мене се направи трансфер со 2 совршени бластоцисти од кои после 8 месеци ги добив уште посовршените Стефан и Стефанија. После 6тиот ден на престој во Прага, имавме авионски лет назад за Македонија, и јас уште тогаш знаев дека после некој ден и јас ќе бидам таа која гордо ќе каже на пријателките и „комшивката„ дека сум бремена…. и баш така и беше. На 12 ден направив Бета ХЦГ и резултатот беше позитивен, а после еден месец од трансферот со ехо преглед и Др.Петановски ја потврди мојата близначка бременост. Целата бременост течеше без никаков проблем. Бев совршено здрава 25 годишна трудница, среќна, исполнета, сакана.

Терминот за раѓање ми беше на 01.03 да на 30.01 мене ми прсна воденикот и ми истече плодовата вода. Не се испаничив ама ИЧ. Тоа беше некаде после 19 часот, да во 20 часот јас се јавив на преглед кај дежурниот лекар на Штипска гинекологија… Но… госпоѓата доктор, откако слушна дека носам близнчка бременост добиена по пат на ИВФ, не се ни обиде да потстане од фотељата, а камоли пак да ме прегледа. Туку со смирен тон ми рече да си го побарам докторот од Скопје. Уште посмирено си излегов, го добив Др.Петановски и веќе бев на пат кон Скопје со свој приватен превоз. Повторно не бев исплашена, знаев дека се ќе се заврши најдобро, бев среќна бидејќи за некој час ќе ги запознаам нив – совршените деца од епрувета.  Додека стигнавме во болницата во Чаир, Др.Петановски ме чекаше спремен со својата екипа спремни за породување со царски рез.

5минути по полноќ , на 31.01 на свет ги донесов моите совршени близнаци Стефан и Стефанија.

Денес совршените деца се возрасни и успешни 20 годишни личности. До сега ја имаат добиено целата љубов од нашите срца. Но таа љубов никако не пресушува..колку повеќе ја добиваат, толку повеќе извира во нас.

Му благодарам на Господ за дарот кој го добивме. Им благодарам на членовите од нашата фамилија за поддршката која ни ја даваа. Но, најмногу им благодарам на моите Стефан и Стефанија со чие доаѓање на свет нашите животи добија смисла.

Ви посакувам успешна приказна на сите Вас кои сте на патот кој ние веќе го поминавме.

 

Весна и Сашо , Стефан и Стефанија Накови – Штип

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини