Кој сум јас и каков сопруг сум јас

by natasha

Бевме двајца другари, спротивни по карактер, таа пeсимист, јас оптимист, таа негативец, јас најпозитивниот кој таа го запознала. По многу кратка врска се одлучивме за брак. Ни малку идеален брак, уште од почетокот кавги и расправии, но и многу убави моменти.

Тоа што најмногу го сакавме, а неможевме да го имаме не зближи засекогаш. Обиди и обиди, броење на плодни денови, но без успех. Се молевме, баравме од Бог да ни го даде најубавото нешто, но тој подарок до ден денес сеуште го нема.

Во разговор со свои пријатели започнуваме со прегледи. За почеток стандардни испитувања, РАР тест, микробиолошки брисеви. Матичниот доктор препорача дека најдобро би било да започнеме со подготовка на документите за ИВФ постапка… Па нека биде така, нека започне шоуто.

Мислев дека е едноставно. Ама сум се лажел. И јас и таа. Таа вообичаеното, крвна слика, инфективен скрининг, помина во ред, ама една случка нема да заборавам. Спермограм во лабораторија, без посебна просторија, тоалет 2 на 2 ти треба да си најдобар. Тогаш и бев, успеав, врвни резултати. Вториот, нели бараат два, во различна установа. Надвор -25 степени, јануари, патуваме за друг град, во возот греењето се расипало претходниот ден, како не. Резултатите катастрофа.

Од шампион станав аутсајдер, разочаран, болка во душата не знаете каква. Но тој сум, пак позитивец. Таа седи до мене, разговараме и и велам: “Проблемот нема да е до мене или до тебе, наш ќе биде. Што и да треба заедно ќе правиме. Нема да си ти сама, ниту јас сам. Проблемот не е во едниот од нас. Детето нема да е мое или твое. НАШЕ ЌЕ Е!!!”

Матичната ги провери документите. “Испратете ги” -ни рече. Во ред, ги испративме. По неполна недела добивме одговор: Направете 4 инсеменации и ХСГ. Нема проблем, ќе започнеме со инсеменации, но и тука има проблем, 4 инсеменации со по месец дена пауза не е малку време.

Матичниот доктор каде што одевме ни рече: “Не тука на ехо, туку дома кај мене веднаш ќе останеш бремена.” Во ред, одиме, ехото дома жива катастрофа, 1000 денари, сонда со ракавица за фарбање коса, а инсеменацијата поминува без терапија… Нека биде така. Поим немавме што правиме и како. Просторија за материјал оставање нема. Доаѓа докторот и вели: “Eте  ти таму имаш чаша.”

Извршена инсеменација, мојата сопруга седи со спеклумот час  и половина, ни доктор, ни сестра. Конечно дојде млад доктор, од кој уште ќотек не јадев.

По некој ден, најдовме друг доктор: “Јас ќе ви ги правам следните инсеменации, знам како е”-ни кажа докторот.

Во меѓувреме треба да се прави ХСГ. Во нашиот град нема апарат, се расипал. Каде? Во соседниот град! Закажуваме, одиме, а таму друга приказна. Докторот млад човек, фин, пристоен, пред се психолог. Ни ја објасни процедурата. Сестрите направија историја, дезинфицираа, ја подготвија пациентката. Процедурата беше кратка.

Лежи сопругата во соба, дојде докторот, насмеан и расположен, каналите се проодни, резултатите се во ред. Продолжуваме со инсеменации.

“Не ми купувајте ништо, дајте ми пари јас ќе си купам”- вели докторот со кој претходно се договоривме, што знае како е. “Ни јас пари ќе ти дадам, ни ти ќе си купиш. Прави го тоа што треба да го правиш.”- велам јас.

Поминаа инсеменациите, неуспешно, комплетиравме документи, добиваме ваучер! YES! Јас збунет, таа никогаш толку среќна. Сега си велам КАДЕ? КАКО? СО ШТО? Па само јас работам. Нејзина желба една клиника, моја други две. Ама ајде, таа ја носи сета тежина на процесот. Нека биде по нејзино.

Докторот супер човек. Првиот разговор беше што е ИВФ, која е процедурата, што и како се прави. Започнуваме во јуни. ОК. ТЕРАМЕ.

Испитуваме АМХ, низок, катастрофа. Слаба оваријална резерва. Ќе успееме, си велам. Терапија – тон инекции.

Сопругата остана во градот во кој е клиниката што ја одбравме, а јас се вратив дома, љубов на далечина.

Со нетрпение чекав да закажат пункција, да ја видам. Фали, проклето фали, недостига ептен. По неколку дена ја видов. Од терапијата се направила буренце. Полесно ќе ја прескокнеш отколку да ја заобиколиш, се шегувам, убава е. Изгледа како да е бремена ама не е. Направивме пункција. Добивме три ембриони. Едниот абнормален, другите два супер. Направивме трансфер на два ембриони.

Одморивме уште некој ден и се вративме дома. Четири ипол часа пат до дома, да внимавам на дупките. Терапијата после трансферот ја стававме на дежурен доктор во нашиот град. Очите широко отворени. Сестрите пробуваат да украдат од терапијата, да стават помалку. НЕ, не може така. Ги замолив да внимаваат. “Убаво пишува во листата”-им велам.
14 ден по трансферот – БХЦГ тест. Ноќта ако склопивме очи ќе ве излажам, и таа и јас. А јас јунак. Каков јунак, ПЛАЧКО. Се плашам, се стегам. Резултатот негативен… Очекувањата паднаа во вода. Сега? Што понатаму? Како? Со што?-повторно се прашувам. А и како да ја утешам неа, што да и речам, како да постапам? Прегратки, бакнежи и убав збор. Ќе биде, нареден пат, можеби по природен пат.

Фондот не дозволува второ ИВФ веднаш, треба да поминат најмалку 6 месеци од претходниот трансфер. Матичниот доктор лут! Зошто таа болница? Зошто кај тој доктор? 1000 зошто, а одговорот е тој. Така сакаше мојата сопруга. Онаа која мене ми е се.

Ајде одиме со нови документи. Е баш тогаш докторот кај кој на почетокот правевме основни испитувања, кој соработува со фондот, започна со глупостите. Спермограм 2.000 денари, брисеви по 3.000 денари (не дека не наплаќаше и пред тоа) ама сега претера, крвна слика 1.000 денари. Излеговме нервозни. “Ова беше последен пат таму”, и велам на мојата сопруга. Финансиите наместо тука ќе одат во приватна клиника во нашиот град.

Првпат во таа клиника, докторот доаѓа и се чуди. “Вие од овој град, матичен доктор од друг град а ИВФ во трет град. Вас деца ве чешале парите” ни вели. А тој културен и пред се отворен. “Немате проблем. Ни ти, ни таа. Се е во ред со вас. Проблемот е непознат, идиопатски. Одиме со инсеменации, јас ќе ги правам. Никој друг”.

Терапија ваква, терапија таква, фоликули еден куп. Се развиваат и пукаат. Промашуваме цел циклус. Нареден месец. Аха,во ред. Ќе биде. И БИДНА. Го фативме, 22мм фоликул, убавина да го гледаш. Верувајте се заљубив во него. И бидна, позитивна БХЦГ. Чуството како во рај. Ангели пеат околу мене, прегратки, сестри, доктори, девојките на приемно плачат од среќа со нас. По 6 години брак, позитивна БХЦГ. Тоа е тоа.

Но, радоста кратко траеше, набргу дојде тагата. Една вечер мало крварење, “Ништо страшно”, ни рече докторот. На ехо сеуште не го видовме плодот. Случајно, го сретнав докторот во нашиот град, вели “Не и реков на Вашата сопруга, можно е да е вонматерична бременост. Бидете подготвени на се”. По 2 дена, вечерта обилно крварење. Му се јавивме на докторот “Утре во 8часот кај мене”-ни кажа. Во 6 часот ни се јави – “Дојдете, око не склопив”.

Мојата сопруга влезе, јас поради КОВИД 19 мерките ја чекав во автомобил. Ме викнаа и знаев дека не е добро. БХЦГ расте, плодот не се гледа. Се сместил ембрионот на погрешно место. “Мора да се направи интервенција. Ве засакав, мили сте ми. Ама тоа е тоа, на вас оставам. Само едно нешто, цената е висока. Решете сами”-ни кажа.

Пак финансиите ставаат сопка, ама ТАА е во прашање. Мојата сопруга. Па и здравјето со пари не се купува. “Направете се што треба”, му велам.

А, сакате ли да знаете што направив ЈАС, позитивецот?

Сопругата остана во болница каде требаше да и се отстрани јајцеводот во кој се сместил ембрионот, а јас си заминав дома. Плачев како никогаш во овие 30 и нешто години. Радоста се преточи во тага… Зошто нас?… Зошто неа?… Зошто мене?

Неколку дена молк, тага, болка. Шетање, ресторани, природа, се само да заборавиме на болката и тагата. Не застануваме, продолжуваме, посебно јас, таа е со мене, засекогаш. Ќе го добиеме тоа што го сакаме, верувајте. А, тогаш сите заедно ќе се радуваме за нашата среќа.

Кој сум јас???

За разлика од другите мажи ќе бидам искрен…Јас сум човек на 39 години, необичен маж за некои. Досега требаше да бидам разведен, оженет за друга затоа што жена ми не може да ми роди дете. Но, не е така, ние сме во брак. Заедно влеговме во ова и заедно ќе излеземе како победници. Јас сум мажот кој за многу кратко време ја проучи ИВФ постапката. Од циклус до трансфер, од трансфер до позитивна БХЦГ. Во повеќе наврати, докторите ми велеа “Ти си специјализирал за ИВФ. Само уште пракса ти недостига”. А и според некои други бев и добар психолог. Ја расположувам сопругата пред пункција, пред трансфер па и по негативна БХЦГ. Нашите пријатели кои ги запознавме низ болничките ходници се чудат како некој може да биде толку позитивен и да се смее на работите кои ги поминал, на работите кои влијаеле на него, на тагата, на несреќата.

Тој сум другари, маж, силен, јак, кој ја поддржува сопругата во се, и во добро и во лошо. Кој ниту еден преглед не ја оставил сама. Само еднаш, и се каам поради тоа. Се надевам Бог нема да ми даде шанса да го исправам тоа. Да не се повтори.

Која е мојата сопруга???

Таа е девојче, на 30 и кусур години, секогаш уплашена, под стрес, прав негативец, ама издржа се. Јака е таа. Издржа и позитивни брисеви и бактерии и операција, издржа и не се предаде. Прими терапии еден куп, испи таблети еден куп, па дури и негативни зборови, но не се предаде, се бори и ќе се бори. Ќе го има она што го сака. Ќе го добие и заедно ќе го растеме. Ќе го сакаме повеќе од се што сакаме ние двајцата. Го заслужува тоа. Можеби сме во лоши години, можеби ќе личиме на баба и дедо, но ние ќе бидеме најдобрите ТАТО И МАМА.

За крај, момчиња, бидете им најголема поддршка на вашите сопруги. Не ги оставајте сами никогаш, ама баш никогаш. Бракот е заедница и детето е резултат на таа љубов. Бидете со неа, излегувајте со неа, шетајте, забавувајте се. Нека се исплаче, нека се изнавика, но не ја оставајте сама. Ние сме им поддршка, НИКОЈ ДРУГ!

 

Н и А

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини