Од утробата моја,
и овој пат не изникна ништо,
не изр’ти,
не фати и најслабиот корен.
Се лулеат пак сите почетоци
како лесни балони на ветер,
како што нашите ослабени раце
се лулеат во познатата празнина…
И овој пат сами се враќаме дома,
и овој пат молкот со нож ќе се сече,
затоа што срцата исечени се веќе,
на незнам колку парчиња.
Јас не бројам веќе,
Јас, го чекам крајот,
а крајот не доаѓа сам,
не постои во денес,
не постои ниту желба
за новото утре…
Ќе останам овде,
знам,
уште некое време,
така здрвена сета,
дури ни болка нема да има,
само тишина која ни пара душа,
и ја довикува на танц,
таа тргнува возбудена сета,
иако знае дека ќе игра самата пак.
И како ли сега ќе се живее
животот на празните раце,
животот на празниот дом…
Неумеам веќе да прозборам ум,
со него оддамна се клацкаме во ритам,
во еден залуден временски процеп,
од каде што веќе демонски се смее,
едно најмило и невино дете.
Ќе е паметно,
некој ќе каже,
а ние веќе со фитилот згасен,
сакаме битка да биеме
со тој нероден сон,
со таа одомаќинета илузија.
Рацете иако се држат,
во студенило ја бањаат,
љубовта сета,
љубовта света.
Се надеваме дека ќе го издржи
и овој силен удар,
нашата веќе истошена куќа,
нашиот веќе празен дом.
Автор: Радмила Живановиќ, преживеана