Мојата 7ма среќа

by Zoja Samandova Petrusheva

Да ја напишам и мојата приказна, патот по кој чекорев до денот кога конечно го видов долго очекуваниот троцифрениот број ☺️  ( бета хцг ).

12г тежок пат, пропратен со лапароскопија во 2008г каде се отстранети двете туби ( јајцеводите ). Од 2004г.  до 2008г. бев шетана навака-натака, погрешни дијагнози, следење плодни денови, па апчиња, инекции, прегледи и се така во круг 4год. Немаше тоа време јутуб, гугл, фб групи итн. Немавме информации, немавме со кого да разговараме како би размениле искуство, проблем, да слушнеме некоја информација, насоки, совет итн. Матичните гинеколози не лекуваа и пробуваа да ни помогнат онолку колку што можеа. Додека 2008г по некоја случајност во разговор со пријателка бев советувана да проверам проодност на каналите (јајцеводи). Бев збунета, зошто тоа не ми го предложи некој од матичните гинеколози (точно 5 ги имав сменето до тогаш). Резултатот беше запушени јајцеводи (хидросалпингс). Направив лапароскопија и беа отстранети двата јајцевода, докторот сметаше дека така е најдобро.

Почнав со 1во ин витро во 2008год. Сеуште непознат за сите нас беше целиот процес и исход. Мислев дека одма се успева и дека само една постапка е доволна и мојот сон ќе биде реалност.

Реалноста  е дека не бев свесна дека се качувам на ” Лудата железница” и возењето ќе трае долги години. Години, кои навистина оставаат белег. Судир на емоции, периоди кога колку и да си психички стабилен и јак почнуваш да паѓаш, се мразиш себе си и околината, периоди кога се изолираш и не сакаш да разговараш со никој и периоди кога се обвинуваш за неможноста да останеш трудна. Солзите и болката ти се сопатник на тој тежок пат. Доаѓаме и до период кога не одиме на мекици, на семејни прослави итн. Не дека не сакаме да одиме, не одиме зошто секогаш се наоѓа некој со: Ајде што чекате? Ајде сите веќе имаат по две деца! Опушти се ќе биде! Само не мисли на тоа и ќе се случи! Остаревте што чекате?……………. Поддршката на мојот сопруг ме правеше посилна. Ме подржуваше и кога дојде ден на такви коментари да одговарам безобразно и дрско (по заслуга, зошто само така заслужуваат на такви коментари да добиваат и такви одговори).

Но, сепак мора да признаеме и да си дадеме признание…….Ние сме храбри жени, ние сме лавици, ние сме олицетворение на борбена жена, жена која за посакуваната цел ќе помести и планини и ќе ги преплива најладните и најтемните реки, езера, мориња и океани од солзи. Најтешките борби секогаш се давале на најјаките и борбени војници. После секоја бура доаѓа едно јако и убаво сонце кое грее и сјае. Сонце кое ќе Ве стопли и ќе ви ја грее душата и срцето долги години.

Да се вратам на приказната……… Шест ин витра неуспешни, хиперстимулации неколку, едната хиперстимулација заврши со хоспитализирање во  ин витро клиниката (на нивни трошок) од самиот доктор од страв да не пукнат јајници. Беа извадени преку 30 ј.к. и тие неколку дена беа хорор.Тоа беше моето најлошо искуство на хиперстимулација, после неколку чекори од заминување од клиниката после пункција, паднав во бесознание надвор пред клиниката и се освестив на болничкиот кревет опкружена со екипа специјалисти. Го преживеав и тоа. Во меѓу време хистероскопија направив. Донирав два пати ј.к. Имав 3 биохемиски бремености. На три пати бета хцг на 9-10 ти ден 60-90 и за два дена почнуваше да опаѓа нагло. На секој почеток на постапка го прашував докторот дали треба да направам уште некое испитување. Бев збунета, одличен еднометриум, јајце клетки и сперматозоиди одлични, ембриони секогаш во добар развој, хормоните одлични освен пролактинот. Секогаш го добивав истиот одговор: Немаш никаков проблем се си е во ред ќе биде еве сега овој пат!

Но, ете не бидна ни шестото ин витро.

Нервози, стресови, депресија, плачки, самообвинување, доаѓаш до моменти кога си велиш дека е крај и дека веќе неможеш и дека се помируваш со неможноста да родиш дете. Доаѓаш до момент кога не се ни радуваш кога блиска особа ќе сподели дека е трудна, зошто се осеќаш како неспособна. Периоди кога имаш лажна насмевка и се правиш дека животот ти е розов, а реалноста е дека веќе ти е доста и немаш повеќе сили и солзи да се бориш со неплодноста. Навистина не знам што би правела да не беше мојот сопруг. Од голема важност е поддршката на партнерот кога се чекори по патот на неплодноста. Секое паѓање тој беше тука да ми помогне да станам и да продолжам понатаму. Дојдовме до тоа да разгледуваме и можности за да се посвои дете, но кога и на тој пат зачекоруваш сфаќаш дека и тоа не е лесно дека е уште пострашен лавиринт (барем тој период 2009-2012г. кога ја започнав и таа постапка).

Пробуваш во тие две недели од трансфер до Бета хцг се што ќе прочиташ и слушнеш. Па после негативна бета хцг се обвинуваш дека негде си згрешила и вина е твоја. Пробуваш да лежиш по 3-5дена, па ајде 7дена, па 14дена не мрдаш од кревет, па ајде ова јади, па тоа пиј, па тоа не го јади, па лежи на лево, на десно, нозе нагоре, карлица подигната, не клекнувај, не оди по скали, кога ќе ти дојде да кивнеш или да кашлаш аууу си викаш оппп ете испаднаа. Но, реалноста е дека нешто се случува со нас од психолошки аспект и не баш рационално размислуваме после трансфер. Па ако туку така паѓаа ембрионите немаше да постои човекот. Таман работа да качувањето по скали, движењето, кивањето, кашлањето, клекнувањето и останатото беа причина за ембрионот да испадне. Немаше да не има билиони луѓе. Тоа е поситно од зрно песок ( оплодениот ембрион ) и замислете како да намачкате две кришки со мед да ги споите како тост, а измеѓу зрнцето поситно и од песок и? Може да падне? Не неможе. Вака ми објасни еден доктор па и го имав прочитано по ИВФ блоговите на странците кои водат блогови за нивните ин витро искуства уште пред повеќе години, но а дојдеше трансфер моето рационално размислување го снемуваше. Да нагласам да не бидам погрешно сфатена……за пациентите кои се со скратен цервикс, серклаж, историја на спонтани, аномалија на матка итн. само по совет на специјалист е како да се однесуваат после ембриотрансфер. Сепак препораката од оној кој Ви ја води ин витро постапката ќе си ја применувате и ќе се придржувате на неговите препораки за што да правите после трансфер.

Се присобрав психички и собрав сили за започнување на моето седмо ин витро.

Благодарение на Гугле изначитав се што имаше поврзано со ин витро и нај главните испитувања јас ги немав направено. Да, сега ќе кажете па кој ти е крив зошто не си ги направи на своја рака. Не е баш така, 2008год-2013год не баш можеше да направиш одредени испитувања зошто ни самите ин витро специјалисти не беа запознаени со истите.

Се наредија коцките тогаш кога најмалце очекував и кога дигнав раце од се, кога почнав онака лефтерно да чекорам по патот и опуштено, да не мислам на исходот зошто веќе немав сили. Реков што биде нека биде ова седмо ин витро  ќе е последно и сами да останеме без деца животот е убав ќе се радуваме и ќе си чуваме внучиња.

Ја запознав Д-р Катерина Адамова ендокринологот. Ми направи додатни испитувања и ме прати на магнетна ( цел живот ќе сум и благодарна ) каде се виде дека имам микроаденом или Раткиева циста ( сеуште на магнетна неможат да дефинираат што е ) на хипофиза и затоа пролактин плафон и без терапија бромергон ништо! Д-р Кате Адамова која памтам и нема да и ја забораам реченицата : па вие сте си играле јојо ефект со пролактинов! Пиеш достинекс и оппп ти го прекинуваат па нормално бременост нема да има зашто имаш пролактиномија! Уште 10 ин витра да правеше ти немаше да имаш резултат. Ми препиша терапија со бромергон и да не го прекинувам се додека она не каже. Повеќе од една година го пиев додека не ја погодивме дозата која ќе ми одговара при следната ин витро постапка. Го пиев и во бременоста и секој месец бев кај нејзе на контрола.

Сменив Ин витро клиника во 2015год. Категорично докторката ми кажа дека ин витро не ми прави без сите оние испитувања за кои беа зачудени зошто ги немам. И поплакав на Д-р Кате Адамова и пак се споија коцките ме запозна со Д-р Елена Петковиќ трансфузиологот ( на која сум и исто доживотно благодарна ) и ми ги направи сите можни испитувања. Ме пратија и Кариотип напраив и се што постоеше од испитувања се направија. Испадна микроаденомот проблемот со пролактин и повеќе тромбофилски мутации. Д-р Елена и  Д-р Кате ме покрија со терапија. Со Ин витро специјалистот ја започнавме процедурата за која даде мислење дека трансфер одма не правиме поради голем ризик од хипер и со замрзнати ќе тераме после некој месец. Дигнав раце и препуштив се на нив. Секоја ја имаше посебно улогата за терапија и секоја поединечно ја бев консултирала. Конечно бев опуштена и имав претчувство дека ова е оној успешен ин витро обид. Незнам, можеби самата промена и направените испитувања и дадената терапија ми делуваа психички многу позитивно. Имав некое необјаснето чувство дека овој е тој вистински успешен обид.

Периодот до трансфер бев како да воопшто ни трансфер ќе правам. Бев како никогаш до тогаш со претходните шест ин витра. Овој пат решив да не прашувам ништо и да биде како да не сум ни направила трансфер, да не мислам на исходот, да не мислам на ништо поврзано со самата постапка. Веќе размислував како ќе им соопштам на сестра ми и моите за бременоста, како конечно ќе си ја купам таа блуза со бебе како ѕирка кај стомакот и имиња веќе почнав да смислувам за бебе.На трансфер отидов за прв пат како да не одам на трансфер. Направивме трансфер на три ембриони осумклеточни (на трети ден трансфер на замрзнати ембриони). Благодарение на една пријателка (со веќе успешна приказна) со која бев секој ден во контакт ме опушти и ми даде нова преспектива на гледање за тие 2 недели до Бета хцг.Од трансфер за неполх 1ч станав, влегов во кола, седнав на сувозачко и  отидовме на ручек. Докторката која ми го правеше ин витрото ме советуваше да уживам во наредните две недели , се да биде умерено во наредните две недели без генералки чистење и тешки активности, слободно да шетам и да се дружам и да не лежам.Вечерта ни беа пријатели на кафе ( ако убаво памтам ) , нареден ден во ин витро клиниката за Депо боцкање. Домашните обврски ги превземав уште од 3ти ден (не се мислам на генералки и тешки активности), имав две кучиња по кој трчав по цел ден, ги шетав, ги бањав и кревав (мини раса кучиња да не бидам погрешно сфатена, имаа по 3кг), готвев, пуштав машина, пружав алишта, шетав и уживав. И дури и заборавав дека сум правела трансфер за прв пат. Не дека немав мисли кои ми пролетуваа да не се лажеме, но одма излагав на прошетка, пуштав некоја комедија да гледам или зборував со пријателки на телефон. Некои одредени симптоми и едно чудно чувство го чувствував неколку дена веќе одма после 4тиот ден од трансфер. Навистина чудно чувство кое ми велеше ДА ова е тоа. На11ти ден напраив домашен тест и излегов на тераса со кафето. Влегов и се стопив од среќа кога ги видов двете црти.Искрено, ми пролета мисла да не е пак биохемиска, но си реков дека не и нема да е овој пат и дека ќе имам најубави 9месеци школска бременост. Измешани емоции. Кога му се јавив на сопругот на среќата и немаше крај. Дента и беше роденден на сестра ми (15.август) и како роденденска честитка и пратив слика од домашниот тест за бременост. Минатата година она така ми го честиташе мојот роденден со тест за бременост со првиот внук.Нареден ден Бета правев. Кога ми се јавија да ми ја кажат Бетата бев пресреќна над 200 беше 12ти ден. 14ти ден беше над 500. И оппп негде 16-17ти ден од трансфер ете почна крварење и ја од памет извадена одма 5та недела на ехо. Докторката ме убеди дека се ќе е супер и е нормално со ИВФ да се има некогаш крварење. Се работеше за хематом.Ми кажа дека доколку е проследено со многу јаки болки тогаш да паничам. До 12та недела од време на време имав крварење. Првите 3-4 пати не ми беше сеедно да бидам искрена (мислев дека светот ми се руши), но после откако ме смири докторката ми беше многу полесно. Паметам дека после првиот скрининг дента отидов и купив бебешко комплетче (неутрална боја) и си ветив дека бебе во истото ќе е облечено кога ќе не пуштат после пораѓајот од болница. И навистина тоа комплетче беше првото кое му го имав облечено. Оптимизмот го имав од пред трансфер па се до денот кога се гушкав со мојот син.

На 10.04.2017г се роди Стефан. Мојата седма среќа-мојата седмица на лото. Станав мама конечно. Чувство на среќа, спокој, љубов, радост и срце кое конечно бие во правилен ритам. Конечно го најдов својот мир и ја запознав мојата љубов. Љубов која им ја посакувам од се срце на сите оние кои чекорат по овој пат во исчекување на својата љубов.

Почетокот на 2019год правев ин витро со цел да и донирам јајце клетки на мојата пријателка. Кога дознав дека само таа опција и останува, без размислување и се јавив и ја прашав дали сака да и донирам ј.к. Ден денес го памтам тој телефонски разговор кој не се заборава, тој среќен треперлив нејзин глас неможам да го заборавам.Неможам да Ви ја опишам таа среќа и радост во нејзиниот глас кога ја направи бета хцг и кога ми се јави да ми каже дека е трудна, кога дозна дека ќе биде мајка.  Прекрасна и среќна мајка која ја сакам многу.

2019год октомври имав трансфер со замрзнати ембриони (од седмото ин витро со Стефан што ги замрзнав)  и беше неуспешно ин витро.

2020год ноември 13ти направивме трансфер со последните ембриони од постапката со Стефан. Ги одмрзнавме трите последни осумклеточни и ги оставивме да се развијат во бластоцисти. Една не се доразвиваше правилно. Двете останати се развија во прекрасни бластоцисти. Овој пат на природен циклус без хормони, без никаква терапија зошто сите направени резултати беа одлични. После само некој ден започнаа чудни симптоми ( слични како после трансферот со Стефан, оној чуден метален вкус во уста, честото мокрење, поспаноста,градите отечени и болни итн).  Домашен тест позитивен на 9ти ден. Но, имав некој немир  дека ќе е биохемиска , зошто не ми беше прв пат веќе 4ти пат и чувството и инстиктот не ме излажаа ни овој пат. Незнам, но навистина имав некое претчувство дека нешто не е во ред. Бета хцг на 10ти ден само 20. Не ми беше сеедно, но после веќе 8миот ден знаев дека ќе се случи ова.Терапијата одма ја прекинав (само утрогестан имав и витамини, метилираната како и секогаш и Б12 метилирана ). Се знаеше дека исходот на 14ти ден ќе е не повеќе од 50 и резултатот е нема срцева акција или ќе прокрварам. Другата опција е да се измачувам и на 14ти ден да е Бета 0,2-0,5. Веќе помината агонија неколку пати и немаше логика пак да се поминува тоа неколку дневно измачување или не слушање на срценцето. Но, навистина не е сеедно и болката е иста како и претходните пати. Можеби за нијанса поинаку зошто веќе имаш до тебе дете од едно успешно ин витро, но сепак болката е иста. Кога ќе го видиш тој позитивен тест, таа бета хцг и после тоа следува биохемиска бременост.Не, не е сеедно и не е ни малку лесно. Многу ружно чувство, еве декември сме и чувството е сеуште присутно кога сум сама во тишината………….

Ви посакувам на сите успешни приказни. Да, тешко е и тежок е овој пат. Некој успеваат од прв-втор ин витро обид, а некој после многу повеќе обиди. Но, запомнете дека секоја ќе успее и секоја од Вас ќе биде мајка. Слушајте го Вашето срце и следете го Вашиот разум. После секоја бура изгрева сонцето. Ви посакувам на сите Вас кој го чекорите овој пат да напишете набрзо и Вие Ваша убава успешна приказна.

Зоја С.П.

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини