Некои од нас не сме благословени да зачнеме по природен пат

by Ana Andreevska

Не секој родител е благословен да зачне бебе на природен начин, па поради тоа ја прифаќаат реалноста и решаваат да посвојат дете, да имаат дете со сурогат мајка или се обидуваат да забременат со ин витро постапка. Ин витро процедурата ја избравме и ние. Во 2016 година стапивме во брак. После стапувањето во брак започнаа и желбите ние да се оствариме како родители.

Откако посетивме стручно лице од областа на неплодностбев пратена да се испита проодноста на јајцеводите. Следуваше мојата лапароскопија каде ми беа отстранети двете туби (јајцеводи). Дознавме дека ние неможеме да се оствариме како родители по природен пат. Ми се сруши цел свет.

Ја одбравме ин витро клиниката и докторот кој ќе не води низ целата постапка. Прашав дали имаме потреба да направиме некои испитувања, ни кажа дека нема потреба да правиме дополнителни испитувања, да комплетираме документи за инвитро и да ја започнеме постапката. Јас предлагав и имав чувство дека треба да направам имунолошкии генетски испитувања и се што е потребно, но  тој на тоа само се насмевна и пак потврди дека нема потреба. Ни кажа дека повеќето проблеми со инвитрото се решаваат. Сепак не бевме свесни каква битка не чека.

Нашиот прв третман од вонтелесно оплодување беше во големо исчекување, инекции, прегледи, страв, солзи и на крај позитивна бета. Меѓутоа тој ист третман  се покажа исто така како неуспешен, во 9-та недела од бременоста доживев спонтан абортус.

По трагичното искуство, првично одбивав да направам  втор третман, бидејќи траумата беше премногу емотивна како за мене така и за мојот сопруг. Си реков самата на себе дека нема повторно да поминувам низ ин витро, знаејќи колку е тежок целиот процес. Тоа имаше големо влијание врз моето тело и ум. Бев премногу збунета од различни емоции.

Но,по некое време откако психички се стабилизирав решив да се вратам таму каде што застанавме.

Почнав да пребарувам по интернет, по форумите почнав да читам секакви успешни и неуспешни приказни. Многу ме вознемируваше помислата дека има многу парови како нас, со неколку неуспешни инвитра. Постојано размислував зошто е тоа така. Што е причината за неуспешно ин витро, кој е виновникот за тоа? Кој одлучува за тоа? Милион прашања пролетуваа низ моите мисли. Постојано го слушав муабетот се е тоа Божја работа, како Господ никој не е. Започнав да верувам и во тоа. Почнав да одам по цркви, да носам зејтин, пешкир, чорапи, да земам води за пиење. Правев буквално се од она што некаде ќе го прочитав или слушнев. Сретнував многу луѓе, слушав разноразни приказни, маки по луѓето.  Неколку месеци секој наш  излет беше потикнат во близина на некое место или вода кое има лековити својства.

Додека се молев на Бога на сите овие свети места, дозволив и алтернативната медицина да помогне. Детоксикација на телото прв чекор, потоа стимулирање на имунитет со разни чаеви, масла, супер храна, зачини и слично. Но, сепак за сето тоа се консултирам со мојот нутриционист и хомеопат. Навистина од големо значење ми се и нивните совети и насоки за кои верувам дека овој пат ќе успеам и овој пат ќе биде оној вистинскиот.

Во меѓу време собирав информации за кои се испитувања ми се потребни како би овој пат била спремна пред започнување на следниот ин витро обид.

Започнав со потребната терапија препишана од трансфузиологот за тромбофилските мутации.

Се ми е испланирано со рок. До крај на зимава ќе се потрудам на секој можен начин, и ќе се молам, многу ќе се молам. Од пролет ќе ја започнам процедурата за второ инвитро. Се надевам дека овој пат ќе биде оној вистинскиот, а догодина после сето ова ќе можам и јас да ви раскажам успешна приказна …

Ј. А.

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини