Патувањето низ неплодноста – (не)видливата борба

by Ana Andreevska

Сè повеќе жени, мажи и парови секојдневно се качуваат на овој емоционален ролеркостер наречен неплодност. Овој пат обично доаѓа со доза на срам, болка и страв. Додека светот околу нас се движи напред, ние често чувствуваме дека стоиме во место, ан врвот на ролеркостерот. Се обидуваме да бидеме храбри, да го држиме сето тоа во себе, да истраеме низ болката, да не бидеме драматични,да се справиме со трошоците за лекување, кредитите, неизвесноста – најчесто сами (и фините господа во експозитурите кои ни го одобрија кредитот).

И сега, знам, има луѓе околу нас кои не сакаат да нè остават, кои се обидуваат да нè охрабрат да бидеме позитивни, да се опуштиме, да не мислиме на најлошото. Но, и покрај сè, внатрешно се чувствуваме осамени. Веруваме дека пријателката со три деца не може да разбере низ што минуваме. Мојата мајка, која ме родила на 24 години, не може да го разбере ова чувство. Понекогаш ни се чини дека и докторите не нè разбираат. И тоа чувство е во ред, нормално. Оваа борба мораме да ја извојуваме “сами”. Но, да бидеш сам во оваа битка, е хорор.

На сите луѓе околу нас – знајте дека сме благодарни за секој ваш совет, за секој збор на поддршка. Но, исто така разберете дека ова не е лесно. Понекогаш имаме потреба да се повлечеме, да престанеме да комуницираме, да се исклучиме. Тоа не е поради вас – тоа е наш начин на справување со сè што ни тежи.

А тежината е голема: барањето вистинска клиника и вистински доктор, неизвесноста во тоа дали ја направивме вистинската одлука, финансиската страна – кредити, огромни трошоци. Хормонални терапии, игли, промени на расположението, надежи и стравови. Се обидуваме да не се надеваме, но сепак сме само луѓе – надежта е во нашата природа.

И тогаш доаѓа моментот на ИВФ. Две недели мирување, две недели чекање – најдолгите денови во нашиот живот. Се трудиме да правиме сè што ни било кажано: да јадеме здраво, да се опуштиме, да гледаме филмови, да не мислиме многу, да се бањаме со млака вода, да не се бањаме пречесто (😅) Но, невозможно е во тие две недели, да не се запрашаме – дали токму сега во мојата матка расте живот или повторно ќе добијам циклус за две недели?

Оваа приказна може да има епилог по тие две недели, но тоа никогаш не е крајот на приказната. Борбата продолжува – или со нов обид, или со планирање живот со дете во свет исполнет со финансиски и емотивни предизвици. Во тие моменти реалноста понекогаш звучи вака: дали ќе треба да го дојам детето до второ одделение за да ги отплатам кредитите? 😅

Разликата е во фокусот, кој и покрај сè – носи надеж и убавина на еден посебен начин.

На крајот од секоја борба, останува еден едноставен факт: ние сме многу посилни отколку што мислиме. Овој пат не нè дефинира, туку нè обликува. Без разлика на исходот, секој чекор, секоја солза и секоја надеж ни ја покажува нашата издржливост и ја покажува љубовта што ја носиме во себе. А љубовта е она што секогаш победува, така?

За машката популација, ако мислите дека хормоните не се ништо страшно – прашајте ја мојата “посилна половина” зошто ми донесе чипс наместо чоколадо во погрешен момент. Веројатно сè уште се опоравува од мојот „нежен“ поглед. 😅

 

Д❤️

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини