Писмо до мојот Гинеколог

by Ana Andreevska

Сѐ започна кога мајка ми, на мои 18 години, првпат ме однесе на гинеколог. Мајка ми сакаше да ми даде слобода да прашувам без страв и без осуда, место каде ќе добијам одговори што таа не може да ми ги даде.

Не ми беше пријатно. Но со тек на време сфатив – тоа беше еден од најдобрите чекори што ги направила како мајка.
И секогаш ќе ѝ се восхитувам за тоа.

Со години изградив доверба со мојот гинеколог. Ги знаеше сите здравствени предизвици на мајка ми, бидејќи и беше и нејзин гинеколог. Мајка ми имаше рана менопауза на 39 години, што ѝ го смени животот. Секогаш верував дека токму затоа мојот гинеколог ќе биде внимателен со мене и ќе ги препознае сите „red flags”.

На 34 години, циклусот ми беше како по часовник – секои 28 дена. Никогаш немав прескокнато циклус. Сѐ додека еден ден не дојдов во ординацијата вознемирена – циклусот ми доцнеше, а бременост не беше причината. Ултразвук – сѐ изгледаше во ред. „Не грижи се, понекогаш јајниците едноставно одмараат,” ми рече и ме испрати дома.

Неколку месеци подоцна – пак без циклус. Овој пат, по анализите, ја слушнав реченицата што ми го скрши срцето:
„Гледајќи ги резултатите – никогаш нема да можеш да имаш деца.”

Бев на паркинг, со телефонот на уво, тие зборови ми го парализираа телото. Се сокрив меѓу колите, клекнав и почнав да плачам. Не можев да дишам. Сакав да потонам во асфалтот и да исчезнам. Рана менопауза беше дијагнозата која таа никогаш не ми ја кажа, само нема никогаш да имаш деца… Се надевам дека ќе го прочита ова:

Мој драг гинекологу, ти го пишувам ова за тебе и за сите твои колеги што секојдневно ги држат нашите животи во раце. Јас ја дадов мојата доверба на тебе како мој прв гинеколог, да ме водиш од најрана возраст – и ти не успеа.

Ја дадов довербата и на многу други по тебе, да ме водат низ процесот на неплодност – и тие не успеаја. Со коментари дека можеби ова ми се случува поради премногу алкохол и дроги, без воопшто да ме прашаат дали некогаш сум пиела или пробала дрога.

Драги гинеколози, бидете љубезни со нас. Не нè судете – доволно тоа го прави светот околу нас.

Ми требаше време да го најдам докторот кој уште на првата средба ми рече: „Ова не е твоја вина.“ Докторот ме знаеше пет минути, а покажа емпатија и добрина за сите оние што тоа никогаш не го направија.

Мој драг гинекологу, ти го пишувам ова за тебе и за сите твои колеги што секојдневно ги држат нашите животи во раце. Ви ја даваме довербата – доверба да нè чувате, да нè учите, да ги препознаете знаците кои ние не ги гледаме. Доверба дека ќе нè заштитите од непознатото.

Знам, не е лесно. Знам, понекогаш нема едноставни одговори. Но едно е секогаш едноставно – начинот на кој зборувате со нас. Една реченица со осуда може да боли повеќе од секоја дијагноза. А една реченица со добрина може да нè држи исправени со месеци.

Никогаш не ја заборавајте вашата прекрасна моќ да дадете шанса за мајчинство, да го направите светот подобар и побогат. И кога сте со нас – ние не се чувствуваме сами.

Денес, и покрај сè, ти благодарам. Затоа што болката што ја преживеав ме направи посилна. Силна – полна со надеж.

Д❤️

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини