Мајките се нашите први учителки по безусловна љубов и истрајност. Од нив ја учиме тивката сила, од нив ја наследуваме храброста, и токму нивната грижа е светлината која нè води и во најтемните моменти. Мојата мајка беше мојот прв столб и најголема поддршка. Таа беше првата што ме однесе на гинеколог, заедно со сестра ми. Тој гест, иако на прв поглед мал, за мене беше огромен– доказ дека мајките секогаш чекорат пред нас за да нè заштитат и охрабрат. Таа ми беше најголема поддршка во секој чекор од моето патување, и денес верувам дека мојата сила е
токму благослов и наследство од неа.

Постои една реченица која ми го обележа животот: „Никогаш не се откажувај од сонот, дури и кога изгледа невозможно.“ Мојот сон беше едноставен – да станам мајка. Но патот до таму беше сè освен едноставен. Моето срце отсекогаш знаеше што сака – да стане мајка. Но, патот до таму траеше години, чинеше многу солзи, безброј игли, тестови и медицински термини кои никогаш не сакав да ги знам на памет. Да, Господ ги дава најтешките борби на неговите најсилни борци –таа мисла ме водеше напред.
Првиот обид – Се држев за надежта како за воздух. Постапката беше нова за мене, и иако бев исплашена, секој чекор го прифаќав како дел од патот. Вративме две ембриончиња. Не се вгнездија. Болката беше нова и непозната, но мајка ми беше таму – со зборови дека „понекогаш треба повеќе обиди.“
Вториот и третиот обид – повторно по две ембриончиња, повторно чекање, повторно истата надеж. Овие месеци беа исполнети со хормонски инекции, лекарски контроли, пункции и секојдневна емоционална борба. Ин витро не е само медицинска процедура – тоа е тест за телото, но уште повеќе за душата.
Четвртиот обид – телото веќе беше уморно, но срцето не попушташе. Секоја терапија го носеше товарот на претходните неуспеси, но и искрата дека можеби сега ќе биде. Не успеа… но мајка ми секогаш ми велеше: „Ќерко, Господ ќе ти подари тогаш кога ќе биде вистинското време.“
Петтиот обид – овој пат, покрај физичката и емоционалната борба, носев и една огромна рана во душата. Го започнав обидот само неколку месеци по најтешкиот момент во мојот живот – ја изгубив мојата мајка. Болката од таа загуба беше безмерна, беше поголема од сите претходни неуспеси заедно, а празнината – огромна.. Верував дека ако успеам, ќе го понесам тоа чудо како дар и за неа. И навистина, конечно, позитивен тест за бременост!

Прв пат ја почувствував таа неверојатна радост. Го слушнав срцето на моето бебе. Верував дека овие месеци болка и борба ќе добијат смисла. Но, на следната контрола ми кажаа дека срценцето престанало да чука. Тој момент ја замрзна мојата душа. Празнината што остана не се опишува со зборови.
Многу луѓе мислат дека после таква загуба човек се предава. И јас можев да го направам тоа. Да кажам „доста е“. Но, мојата желба да бидам мајка беше посилна од стравот да пробам повторно.
Шестиот обид – одлучивме да го променивме пристапот. Наместо две ембриончиња, вративме само едно, бластоциста. Едно мало зрно живот. Медицински, шансите не беа големи – никој не можеше да претпостави дека тоа едно зрно ќе ни донесе најголемо чудо. Таа една бластоциста се подели во две, и денес тие две срца се најубавата музика што постои. И така, на местото на сите тие болни сеќавања, се роди најголемото чудо во мојот живот –
моите близнаци. Верувам дека мојата мајка ги испрати тие две срца од небото. Верувам дека таа го замени своето срце со нивните, за да продолжи да живее преку нив и преку мене.

Денес тие имаат четири и пол години. Секој нивен поглед ме потсетува дека вредеше. Вредело секое утро кога сум станувала со модринки од инекции. Вредело секое чекање пред вратите на докторите. Вредело секое „не успеа“ – затоа што сите тие „не“ ме доведоа до најубавото „да“ во мојот живот. Секоја нивна насмевка е потсетник дека вредеше секоја примена инекција, секоја терапија, секоја солза и секоја ноќ помината во молитва. Вредеше пет пати да паднам, за на шестиот да се издигнам – со четирите најубави раце околу вратот и најслаткото „мамо“ на светот.

Ин витро не е само медицински процес – тоа е патување кое ја менува твојата душа. Те учи на трпение, на сила за која не знаеш дека ја имаш, и на љубов што може да се роди и пред да ја видиш во очи.
Оваа приказна ја раскажувам за сите жени кои сè уште се борат. За сите кои ја знаат болката на празните раце, но и силата на полното срце. Понекогаш чудото доаѓа кога најмалку очекуваш – и често, по многу падови. Не се откажувајте. Вашиот пат можеби е долг, тежок и полн со препреки, но зад секоја борба се крие приказна што ќе биде инспирација на некој друг. А зад мојата – сега трчаат две мали дечиња кои ме прегрнуваат секое утро и ми шепотат: „Мамо.“
Снежана Ивановска – Трајкоски
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!
