Сѐ започна кога пропуштив еден циклус и некако почувствував дека нешто не е во ред со моето тело. Отидов кај гинеколог и направивме анализа на анти-мулеријански хормон. Резултатот беше 0.03 – јасен сигнал дека ќе биде тешко, можеби и невозможно, да имам дете.
Во тој момент бев single. А како жена што слуша дека не може да има дете, си ја изгубив вредноста. Се чувствував безвредно. Не си дозволував ни да помислам на партнерство, љубов или иднина. Ме проголта темнина. Прво – шок. Имав 35 години. Не премлада, но и далеку од старост. А не знаев дека менопауза може да почне толку рано.
Годината што следеше беше најтешката во мојот живот. Искрено – ги мразев моите пријатели што имаа деца. Не можев да ги слушам разговорите за бебиња. Како да цел свет зборуваше само за бебиња, токму затоа што јас не можев да имам едно. Се чувствував како неуспех.

Почнав да одам на психотерапија. Денес знам дека тоа беше најпаметната одлука. Тогаш бев изгубена. Се мразев себе си, и ги мразев сите околу мене. Мразев сè што имаше врска со бременост, родителство, мајчинство. Бев лута на сите доктори што ме гледаа како „случај”, а не како личност. Ми препишуваа хормонска терапија, па контрацепција, па обиди за стимулација… и на крајот – никаква јајце-клетка. Секој неуспех ми беше како удар.
Со време, кога се стабилизирав, решив: доста е. Сакам здрав живот. Не сакам повеќе да одам по клиники и да гледам разочарани лица кога ќе ги погледнат моите резултати. Решив да се пријавам за посвојување.
Но како самохрана жена, и покрај тоа што сум стабилна и способна да одгледам дете, државниот систем не те става во преден ред. Има бодови за сѐ – квадратура на стан, плата, образование, брачен статус… и како сама – секогаш сум на дното. Сите парови имаат дупло повеќе поени од мене. Сепак, не се откажав. Иако длабоко во себе ја прецртав можноста некогаш да бидам бремена.
И тогаш, на почетокот на 2025 година, една нова пријателка ми рече: „Мажена си? Имаш деца?” Ѝ реков: „Не, не можам да имам деца, но сум на листа за посвојување.”

Таа ме погледна како да зборувам нешто чудно. „Сите можат да имаат деца,” ми рече. Ѝ објаснив дека пет години живеам со оваа дијагноза, дека не сум кандидат за ИВФ ваучер бидејќи сум сама.
А таа, со целото уверување во светот, ми рече: „Не, ваучер има и за самохрани жени.”
И знаеш што? Беше во право. Пропуштена информација, но – навистина, државата обезбедува ваучери за ин витро и за самохрани жени со донор семена течност и јајце-клетки.
И јас го добив мојот ваучер!

Го пишувам ова за сите вас што сѐ уште не сте ја сретнале таа пријателка што ќе ви рече: Сите можат да имаат деца!
Сакам јас да бидам таа пријателка денес.
Да, понекогаш ќе треба да бидеме храбри. Ќе бидеме скршени во милион парчиња. Ќе завидуваме. Ќе се прашуваме „дали е затоа што пушев?” „дали е затоа што не јадев здраво?” „дали затоа што не вежбав?” Ќе се мразиме. Ќе ги мразиме другите. Но, сето тоа е дел од процесот. И тоа е во ред.
Важно е да имаме луѓе околу нас што ќе ни речат: Можеш!
Ова е ново поглавје. Нова надеж за мајчинство!
Ќе бидам мајка. Сама, но со цело срце!
Д. ♥
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!
