Имавме преку 8 инсеминации направени од неколку доктори во неколку различни клиники. Ќе звучи нескромно ако кажам дека едвај чекавме да завршат тие постапки и да започнеме со процесот на ИВФ… и се случи. Вонматерична бременост кај сопругата која заврши со вадење на еден јајцевод. Тогаш веќе знаевме дека нема каде понатаму, освен ИВФ.
Во овие 9 и нешто години брак, направени се 3 ИВФ постапки. ..
Јануари … 2021 година. После втората инвитро постапка… Денот кога застана се за нас. Еден обичен рутински преглед се претвори во наша најголема ноќна мора, најголем кошмар. Гром од ведро небо за нас и за нашите најблиски. 36 гестациска недела а бебето нема срцева акција. Шок за сите а посебно за нас и докторите. Излегуваме од амбулантата… Сите погледи вперени во нас како сите во чекалната да сакаа да ни изразат сочуство за изгубеното неродено чедо. Денот сакам што побрзо да го заборавам. Повторно нема да станам родител си велев. Повторно самотијата ќе ни биде наш сојузник, повторно ние двајца сами без чедо до нас. Вечерта сопругата загледана во една точка без ниту еден збор да прозбори. Мојата и нејзината рака ставени една врз друга и поставени на нејзиниот стомак. Очекувавме удар од бебето како што знаеше да удри и да ја осетиме. Но не. Неа ја немаше. Тоа малечко срценце престана да чука уште пред да ја види светлината на овој свет.
Последниот бакнеж преку мешето на мама беше мој последен поздрав за неа. А сопругата се породи по природен пат. Единствено нешто што и остана во сеќавање беше еден прамен од косата од тоа мало бебенце. Единственото нешто кое ми беше позитивно тој ден и ми се врежа во паметот беа зборовите на докторот кој рече ДУРИ НЕ ВЕ ВИДАМ СО ДЕТЕ В РАЦЕ НЕ ВЕ ОСТАВАМ! НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕТЕ САМИ !
Како сопругата закрепнуваше од болката така се нижеа и прегледите. Имавме цел кој заедно со нашиот психолог моравме да ја постигнеме. На еден од прегледите кога веќе и сите документи беа собрани докторот ни кажува дека мораме да бараме што побрзо ваучер од ФЗОМ. Сопругата има низок АМХ а и годините ја газат. Баравме и добивме. Започнуваме повторно со литри терапија. Чиниш цела аптека ја имаме дома. Доаѓа денот за пункцијата. Извадени 3 супер фоликули. Со нетрпение очекуваме да ја чуеме веста од ембриолозите. А веста супер, 3 одлично се развиваат. Пресреќни сме и двајцата. Ќе ја оствариме целта и велам. Веќе го знаеме и денот на трансферот. И како и многу пати претходно повторно сопка. Она мало КОВИД вирусче се закачило на нас. Мора прекин со терапијата. Надежта не не остава … Ќе паузираме еден месец и велам на сопругата .
И како одминуваше времето што побрзо сакавме да дојде денот на трансферот. И дојде. Како и многу пати досега повторно на празник. На ден посветен на Св.Јован Крстител. Сопругата одлично се чувствува. Пресреќна беше. А радоста и среќата носат друга уште поголема радост и среќа си велам. Два последователни тестови за бременост на 14 ден и позитивно BHCg. Го молиме Бог да е се во ред наредните месеци .
Нема да кажам дека имавме школска бременост. Имаше крварења уште од самиот почеток. Предлог беше да се направи серклаж. Пред се поради превентива од предвремено пораѓање. Во нити еден момент тие месеци немавме проблеми на нити еден скрининг направен од докторите. Колку сопругата навлегуваше во месеците ,толку плодот беше се поразвиен и напреден. Се течеше одлично. Она што највеќе ни даваше сила и мотив беа оние алишта кои во нити еден момент од претходната бременост не беа тргнати од фиоките во плакарот. Знаев дека некоја за брзо време ќе ги носи .
28.08.2023 година … Голем и убав празник. Сосема неочекувано од нигде и никаде испаѓа ручек со најблиските. Денот ни поминува во смеење. Попладнето одиме во болницата. Сопругата веќе ја одбројува 34 тата гестациска недела … Докторот не познава но првпат сме кај него на преглед. Се смее … Ти ми вели чекај си ние за брзо ќе ти кажиме што и како. Чест и привилегија е да ја пораѓаат четворица доктори. Со царски рез доаѓаат цариците. На свет доаѓа АНГЕЛА … Во 18 ч и 52 минутки … 2490 кг и 46 см … Поубаво чувство во живот сум немал. Се оствари нашиот сон за потомство. Нека е здрава и жива се слуша од сите страни а јас, јас како и секогаш со солзи во очите ги примам честитките …
Ангела веќе расте со мама и тато. Секој ден е нешто ново за неа а и за нас. Секој ден растеме и дишеме со неа и за неа. Можеби и затоа пред време брзаше да не запознае .
И ние сме од оние кои својот сон го остварија преку ИН ВИТРО и не се срамиме да го признаеме тоа .
И за крај
НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈТЕ ОД ВАШИОТ СОН ЗА ПОТОМСТВО!!!
ИН ВИТРОТО Е ТЕЖОК ПРОЦЕС .
ИСЦРПУВА ФИЗИЧКИ, ПСИХИЧКИ И ФИНАНСИСКИ….
НО ОНА ШТО ЌЕ ГО ДРЖИТЕ ВО РАЦЕТЕ Е НАЈГОЛЕМАТА НАГРАДА ЗА ВАС И ВАШИОТ БРАЧЕН ДРУГАР!
На сите Ви посакувам да се остварите како родители.
НЕ се предавајте никогаш…
Не се откажувајте никогаш, било што да поминете, Бог е голем и ќе ги слушне Вашите молитви!
Ве сакаат сите АНГЕЛА, мама Наташа и тато Александар!
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!