*Што претставува процесот на донација?
Процесот на донација вклучува повеќе медицински тестови и испитувања, како и правни документи кои треба да бидат доставени до Фондот за Здравство со цел одобрување на донацијата. При одобрување се продолжува со гинеколошки прегледи во избраната болница, редовни тестови и проверка на хормоните, како и примање на потребната терапија за стимулација за подготовка на јајце клетките за пункцијата.
*Кое е вашето лично искуство, и која е причината поради која се одлучивте да донирате јајце клетки?
Јас донирав јајце клетки на мојата братучедка и нејзиниот сопруг по моја иницијатива бидејќи сакав да помогнам на блиски луѓе кои имаат потешкотии во остварувањето како родители.
*Кои критериуми треба да се исполнат за една личност да биде донор на јајце клетки?
Критериумите се всушност доставувањето на уредни резултати од сите тестирања, гениколошки, хормонски, генетски и слично. Како и, секако, документирана правна согласност и консултација со правник и психолог.
*Дали постои ограничување колку пати може да се биде донор?
Не сум запознаена со ограничувањата за донација на јајце клетки, само знам дека во нашата држава евиденцијата на донирани јајце клетки се врши со тоа што една личност законски може да донира еднаш и дека секој донор е заведен во Регистер на донатори. Бидеќи сме мала држава еден донор на само еден примател смее да донира. Примателот законски од тој донор може да има до две живородени деца.
*Што се случува после донацијата? Дали постои можност за контакт? И кои се правилата?
Бидејќи во мојот случај донацијата беше за пар со којшто јас сум многу блиска, секако го продолживме контактот и јас бев известена за понатамошните процедури со ин-витро оплодувањето.
* И за крај, кој е односот на нашето општество на оваа тема?
Нашето општество сѐ повеќе се запознава со сите начини на кои што може да се стане родител и сѐ повеќе се крева свеста околу неплодноста. Во мојот случај, секој што дозна за донацијата беше воодушевен од хуманиот гест и храброста, како моја, така и на парот којшто се одлучил на овој начин да се остварат како родители. За мене лично донацијата беше минорен акт покрај битката што ја водат сите оние кои имаат потешкотии да се остварат како родители со соствен репродуктивен материјал. Тоа едноставно се покажа како потребниот логичен следен чекор во обидот на мојата братучедка и нејзиниот сопруг. Ги охрабрувам сите кои размислуваат за донација да се едуцираат повеќе околу процедурата и да го направат тој чекор за некој на којшто му е многу потребен.
Прашањата ги постави: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска
Одговори: Љупка Ѓошева
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!