Нема ништо поубаво од моментот кога ќе дознаеш дека ќе станеш мајка

by Ana Andreevska

Нема ништо поубаво од моментот кога на една жена ќе и се оствари сонот, да дознае дека ќе биде мајка! Мојата борба со неплодноста траеше скоро седум години, јас и сопругот немавме никакви здравствени проблеми, но сепак неможев да забременам долг период. Не водеа како идиопатски стерилитет.

Борбата е навистина премногу тешка, секој ден во исчекување, но мене ме водеше само помислата и преголемата желба дека еден ден ќе ми се исполни сонот дека во мојата утроба ќе започне да се развива и расте моето чедo и денот кога ќе го запознаам. Денот кога ќе го земам во прегратка. Секое негово чукање на срцето, секое негово движење, тоа се најубавите моменти за секоја идна мајка.

Пред да успеам да забременам со Марија, се случија многу работи. Следуваа четири неуспешни инсеменации за конечно да дојдеме до ин витро оплодување. Една хистероскопија и две неуспешни пункции на природен циклус. Следуваше првото неуспешно инвитро. Потоа имавме обид со замрзнати ембриони кое повторно заврши со негативен резултат. Трето ин витро, трета среќа. Овој пат добив позитивен резултат, нo и овој пат среќата кратко траеше бидејќи плодот престана да расте и во девета недела од бременоста докторот ми соопшти дека плодот не се развива и дека мора да се извади, за жал заврши со абортус. Откако ме исчистија плодот го испратија на испитување и резултат трисомија на 22 хромозом.

Повторно нови испитувања, повторно многу болка и неизвесност, дали е се во ред со нас двајца. Повторно многу прашања во себе, дали јас можам еден ден да го остварам мојот сон. Понекогаш  во ин витро постапките се случува наместо два да се врзат три хромозми, да настане грешка во оплодувањето и тој плод нема да продолжи да се развива правилно, организмот ќе го детектира како страно тело и ќе го исфрли. Од како го надминав сето тоа следуваше уште едно ин витор со замрзнати ембриони, кое за жал повторно заврши неуспешно.

Мојата Марија е зачната со петтиот ин витро обид. Кога ја дознав веста дека сум бремена на среќата и немаше крај, но овој пат останав бремена со близнаци. Текот на бременоста беше многу комплициран, морав да внимавам многу, да лежам да одмарам, бидејќи два пати имав крварење. Првиот пат се појави во осма гестациска недела, вториот пат во  дваесет и трета недела.

Бременоста заврши со предвремено породување, ми пукна водењакот и морав да се породам во полна 29та гестациска недела. Следеа многу тешки денови и многу голема борба. По долгата борба со стерилитет, тешкото породување и борбата за живот на моите близначиња, за жал ја изгубивме битката со нашата сестричка која не успеа да се избори и да преживее. Марија која се роди со тежина од само 790 грама, остана да се бори за живот, три месеци на интезивна нега. По долга борба, неизвесност, страв, болка на крај успеав да ја земам Марија во прегратка. Во тие моменти кога ќе успееш да се избориш со се и да го исполниш својот сон се чуствував како да сум го допрела небото, на среќата и немаше крај.

Тагата за изгубеното бебе остана да тлее, многумина ни кажуваа дека се случува по ин витро жената да остане природно бремена, но не верував дека токму тоа нам ќе ни се случи. По долгата борба со стерилитет, јас останав природно бремена. Зачнувањето беше вистинско чудо, мојата борба за деца заврши навистина со среќен крај. Сега сум горда мајка на две прекрасни принцези. Сите Вие кои чекорите по овој тежок пат колку и да Ви изгледа тешко бидете упорни се додека не го исполните вашиот сон за дете. Вашиот сопруг, вашите најблиски нека Ви ја дадат најголемата поддршка и љубов, издржете и храбро да ја поминете болката низ сета таа борба.

 

Кристина Коколанска

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини