Покрај другото, лапароскопијата може да се предложи како дијагностичка метода при неплодност, како би се утвртила состојбата на репродуктивните органи. Понекогаш таа се изведува заедно со хистероскопија, но може да се изведе и посебно.
Што е лапароскопија?
Лапароскопијата е минимално инвазивна процедура се врши со посебен фибер-оптички инструмент – лапароскоп, преку мали резови во стомакот и може да биде дијагностичка (кога се бара причината за неплодност, а не може истото да се увиди со ехо, ХСГ – хистеросалпинографија, хистероскопија и слични методи) и оперативна (при отстранување цисти на јајници, ендометриоза, миоми, затворање на јајцеводите или нивно отстранување, слепувања итн.). Таа служи за подобар преглед и состојба на внатрешноста на стомачната шуплина и покрај другите органи, подобра визуелизација на репродуктивните органи (матката, јајцеводите и јајниците). Лапароскопија успешно се користи во третманот на женска неплодност, ендометриоза и полицистични јајници.
Како се изведува лапароскопијата?!
Лапароскопијата е директно набљудување на стомачната празнина, јајниците, надворешните страни на јајоводите, матката. Лапароскопијата генерално се изведува со општа анестезија. Прво преку мал рез под папокот, се исполнува стомачната шуплина со гас (јаглероден диоксид) за подобра понатамошна визуелизација и потоа се внесува тенок оптички инструмент со светло и камера (лапароскоп) преку резот, а по потреба (од тоа што ќе се изведува) се прави и друг мал рез веднаш над пубичните влакна на стомакот. По нејзиното завршување, се испушта гасот и се затвораат резовите.
Како да се подготвите?
Понесете за во болница широка облека, како не би ве стегало околу појасот на стомакот при заминување од истата. Покрај претходниот разговор со лекарот, односно анестезиологотоколу тоа која редовна терапија ја примате, хронични болести и/или некакви алергии, треба да бидете гладна и жедна околу 12 часа пред закажаната лапароскопија. Додека за празнење на дебелото црево, ќе ви биде препорачана посебна диета за претходниот ден и помошни средства за негово целосно празнење. Кога ќе пристигнете во болницата, ќе бидете замолени да го испразните мочниот меур и да облечете нивна наметка. По завршувањето на постапката, генерално ја напуштате болницата наредниот ден. Некои болници практикуваат задржување од повеќе денови, за истото разговарајте со вашиот лекар. Секако после зафатот се препорачува полесна храна и полека започнување со физичка активност.
Какви резултати да очекувате?
Покрај точната дијагностика и изгледот на вашите репродуктивни органи, може со лапароскопијата да се отстранат многу причинители за неплодност и да се зголемат шансите за побрзо забременување (како по природен пат, така и по патот на ин витро). Генерално, по завршувањето на постапката, ќе ве посети лекарот и ќе ви објасни што точно е увидено и работено, како и прогнози за иднината.
Евентуални контраиндикации?
Начелно тоа е сигурна и безбедна постапка и покрај очекуваните мали болки во стомакот и на местото на резовите, може да се очекува и мала болка околу рамената или плешките, поради можен мал остаток од гас, како и различни појави од анестезијата (болки во грлото од цевката за дишење која била поставена во дишникот, мачнини итн.). Во многу ретки случаи, може да се повреди некој внатрешен орган при самата работа, инфекции итн. Доколку забележите во следните денови повишена температура, зголемени болки и слични алармантни состојби, веднаш треба да го контактирате вашиот лекар.
Заклучок.
Лапароскопијата е начелно безбеден оперативен зафат со краток престој во болница за пациентот. Таа за разлика од минатото, кога за секоја операција се правеле големи резови и се работело со изложување на внатрешните органи на отворена операција и ризикот кој тој го носел, сега истата се изведува во затворени услови, во сопствената стомачна шуплина со драстично намалување на контраиндикациите. Придобивка од лапароскопијата е што овој метод е помалку трауматичен за пациентката, а за неколку часа по операцијата, таа може да оди. Преку истата, се добива реална слика за изгледотот и состојбата на репродуктивните органи (покрај другите) и точна дијагностика или отстранување на проблемот кој може да влијае на успешно забременување.