Проодност на канали (јајцеводи) – Хистеросалпинографија (HSG)

by Ana Andreevska

Многу често, паровите не знаат од каде да започнат и кои анализи им се потребни на самиот почеток на третманот со неплодност. Еден од првите тестови што треба да ги направи жената е да ја провери проодноста на јацеводите. Оваа анализа е особено неопходна ако машкиот спермограм е добар. Имено, тоа е рендгенска слика на матката и јајцеводите, со вбризгување на контрастна течност, дали јајцеводите на жената се проодни или не.

Што претставува HSG?

Хистеросалпинографија или HSG е радиолошка метода со која се испитува морфологијата, односно изгледот на цервикалниот канал, шуплината на матката и проодноста на тубите. Со неа можат да се откријат разни вродени аномалии на гениталните органи, присуство на полипи во матката, тумори, како и да се потврди проодноста на тубите. Оваа метода не е болна, се изведува без анестезија и по нејзиното изведување пациентката слободно може да си оди дома. При нејзино изведување може да се почувствува неудобност и напнатост во долниот дел од стомакот. Се изведува во првите 10 дена од менструалниот циклус, кога е завршено менструалното крвавење. Потребно е седиментацијата да е ниска, но доколку вие сте ги исклучиле сите други фактори за покачена седиментација, и кај вас се должи на присутен ревматоиден фактор, тогаш би можело истата да се направи. Самата процедура се состои во вбризгување на контраст преку цервикалниот канал, со посебен инструмент и правење на три последователни РТГ снимки со што се визуализираат гениталните органи.

За време на хистеросалпинографија, преку вагиналниот отвор се спроведува тенка цевка низ која протекува течност (контрастен материјал) низ матката. Бидејќи матката и јајцеводите се поврзани, контрастното средство се прелева и во јајцеводите. Додека контрастното средство ја исполнува внатрешноста на матката и јајцеводите, се прават слики со помош на рендген X-зраци (флуороскопија). Од тука добиваме информации за внатрешноста на матката и евентуални проблеми, како повреди или абнормална структура на матката или јајцеводите, или недоволно проодни јајцеводи кои спречуваат ембрионите да се движат низ јајцеводите до матката. Оваа блокада исто така може да спречи сперматозоидите да се движат низ Фалопиевата цевка и да се спојат со јајце-клетка. Со помош на HSG може да се дијагностицираат и проблеми во внатрешноста на матката кои не дозволуваат оплодената јајце-клетка да се вгнезди на ѕидот на матката. Ако јајцеводите се отворени, течноста ќе тече низ нив и ќе се прелева во стомакот, каде што ќе се апсорбира природно од страна на телото. Ако јајцеводите се блокирани, течноста нема да помине.

Позитивна страна на овој метод е што може да има терапевтско дејство, односно во случај на помало затнување (послаби прираслици во внатрешноста на јајцеводите) може да дојде до нивно отпушување. Често пати доаѓа до забременување во рок од неколку месеци после снимањето.

Негативна страна е што понекогаш може да се добијат лажни резултати. Најчесто се работи за лажно позитивни резултати. Ова се случува затоа што под притисок течноста може да пробие низ јајцеводите, но потоа тие пак остануваат затворени.

Како се изведува и колку трае?

Целата постапка трае од 5 до 10 минути:

  • Пациентката легнува на грб како за гинеколошки преглед,
  • Докторот поставува спекулум во вагината,
  • Потоа воведува мал катетер до матката,
  • Откако ќе се постави катетерот се вбризгува контрастно средство со кое се исполнува матката, како и јајцеводите,
  •  Во исто време се прават снимки со помош на рендген-зраци.

По завршување на постапката се вади спекулумот, а пациентката останува неколку минути легната. Оваа дијагностичка постапка е безболна. Некои пациентки може да почувствуваат грчеви како менструални грчеви за време на циклус. Интензитетот на болката зависи од проблемот кој ќе се дијагностицира и дали истиот може да се третира за време на постапката.

Кога е најдобро да се направи?

Овој тест треба да се направи од 2 до 5 дена по завршување на менструалниот циклус. Исто така треба да се направи пред овулација за да се избегне користење Х-зраци за време на бременост. Пред постапката се препорачува да се направат микробиолошки брисеви од вагина и грлото на матката.

Што се дијагностицира со помош на хистеросалпинографија?

Се дијагностицираат вродени аномалии на матката, полипи, тумори или ожилно ткиво. Се испитуваат јајцеводите и нивната проодност и евентуална присутност на пелвична инфламаторна болест или ендометриоза.

Дали може да се јават компликации?

Компликациите поврзани со хистеросалпинографија се многу ретки, како на пример алергиска реакција на контрастот. Како компликации може да се појават карлична инфекција или перфорација на матката, но тие се исклучително ретки. Превентивно по интервенцијата се препишува антибиотска терапија за да се намали ризикот од инфекција по HSG.

Што се јајцеводи?

Јајцеводите се дел од репродуктивниот систем на жената. Тие ја поврзуваат матката со јајниците. Врската на јајцеводите со јајниците не е директна, туку јајцеводите завршуваат во близина на јајниците. Улогата на јајцеводите е незаменлива. Во нив се одигрува средбата, односно оплодувањето на јајце клетката со сперматозоидот. Откатко ќе биде ослободена јајце клетката од јајникот, јајцеводите треба да ја прифатат и да почнат да ја транспортираат до матката. Во исто време сперматозоидот треба да навлезе преку матката во јајцеводите, за да ја оплоди јајце клетката. Потоа улогата на јајцеводите е да ја пренесат оплодената јајце клетка до матката.Транспортот на јајце клетката во јајцеводите, со своето треперење го овозможуваат нежните влакненца во нивната внатрешност.

Непроодни јајцеводи

Доколку јајцеводите се оштетени, односно непроодни, нема да може да дојде до средба на јајце клетката со сперматозоидот. Со самото тоа оплодувањето е невозможно. Исто така, во случај на оштетени, но нецелосно непроодни јајцеводи, зголемена е шансата за вонматерична бременост. Доколку јајцеводите не ја пренесат оплодената јајце клетка, до матката, ембрионот ќе продолжи да се развива во јајцеводот, односно ќе дојде до ектопична или вонматерична бременост. Причина за непроодност на јацеводите може да бидат прираслиците или лузни, кои настануваат најчесто заради некоја инфекција. Понекогаш блокадата во јајцеводите е предизвикана од хидросалпингс. Тоа е проширување на јајцеводите, исполнето со течност и исто така е последица на инфекција.

Причини за непроодност на јајцеводите

Причината често пати не се знае, но некои фактори можат да го зголемат ризикот:

  • Воспалителна болест на малата карлица. Ова е најчестата причина. Најчесто е предизвикана од сексуално преносливи болести како Хламидија или Гонореја. Особено голема е опасноста, ако не биде навреме лечена.
  • Абортус.
  • Ендометриоза.
  • Претходна операција на стомакот и сл.
Шанси за бременост кај непроодност на јајцеводите

Ако се работи за непроодност само на едниот од јајцеводите, не би требало да има проблем со забременувањето. Овулацијата се случува наизменично на двата јајника, па ако јајникот на страната на здравиот јајцевод функционира, ќе дојде до бременост при овулација од тој јајник. Можеби само ќе треба подолго време за зачнување.

Сепак ако се работи за хидросалпингс, често пати бременоста е оневозможена иако другиот јајцевод е здрав. Течноста која истекува од хидросалпингсот може да го оневозможува имплантирањето на ембрионот во матката. Во случај на хидросапингс, препорачливо е отсранување на јацеводот на кој се наоѓа.

Доколку се работа за блокираност на двата јајцеводи, бременоста по природен пат е невозможна.

Третман на непроодни јајцеводи

Доколку јајцеводите се непроодни има 2 алтернативи:

Лапароскопска операција за отстранување на лузните и прираслиците. Операцијата може да биде успешна ако јајцеводите не се многу оштетени и нема многу прираслици. Во случај на многу прираслици се препорачува директно одење со ин витро.

Вонтелесно оплодување – ИВФ. Кај оваа метода јајце клетките се земаат од јајниците и се оплодуваат надвор од телото на жената. После неколку дена оплодената јајце клетка се враќа во матката. На тој начин се избегнувааат јајцеводите и нема никаква пречка за забременување.

Доколку се работи за хидросалпингс, прво се отсранува јајцеводот, па се прави ИВФ.

Дали со HSG се зголемуваат шансите за бременост?

Според некои студии, шансите за бременост се зголемуваат неколку месеци по хистеросалпинографијата. Ова е последица на плакнење на јајцеводите, отворање на каналите или отстранување на некои остатоци кои се причина за зачнување.

Слични содржини