Во одредени случаеви, кога се подготвуваме за вонтелесно оплодување, докторот – специјалист може да предложи да се направи хистероскопија.
Што е хистероскопија?
Хистероскопијата е минимално инвазивна процедура (дијагностичка или office хистероскопија) или поинвензивна дијагностичка алатка (оперативна хистероскопија), која ја користат специјалистите за асистирана репродукција кога останатите дијагностички техники, како вагиналното ехо, хистеросалпингографијата (ХСГ) и слични процедури, се нејасни и не даваат целосна слика за состојбата на матката на жената.
Понекогаш истата се препорачува и при необјаснета неплодност, како би се отфрлиле сомнежите околу формата, состојбата и квалитетот на самата матка.
Таа служи за подобар преглед и состојба на внатрешноста на матката, како би се исклучиле евентуални полипи, прегради, слепувања и слични деформации на ѕидот на матката и самата нејзина форма.
Како се изведува хистероскопијата?
Имено, хистероскопијата може да се изведува без анестезија, со локална или со општа анестезија.
Докторот внесува еден тенок оптички инструмент со светло и камера (хистероскоп) преку вагината и грлото на матката, па сè до шуплината на матката, а преку кој понатаму може да се внесат и други инструменти потребни за евентуални зафати.
Тој инструмент е сега толку тенок, што не доага до проширување на грлото на матката за изведување на оваа процедура.
Докторот може да употреби специјална физиолошка течност во матката како би се имало подобра видливост.
Штом се установи некаков проблем, може да се премине на негово решавање со разни техники за истото.
Таа може да трае од 15 минути до 1 час, зависно од тоа што точно ќе се работи или дијагностицира.
За разлика од веќе споменатите дијагностички процедури, оваа техника е најреална и најточна за дијагностика, затоа што докторот во истиот момент гледа како изгледа внатрешноста на матката преку камерата на неговиот инструмент.
Понекогаш хистероскопијата се изведува заедно со лапароскопија каде истовремено се внесува и инструмент преку стомачната шуплина, а служи за подобра видливост на матката и нејзината корелација со јајцеводите, нивната функционалност и изгледот на самите јајници.
Како да се подготвите?
Покрај претходните задолжителни испитувања (како понови уредни микробиолошки брисеви, пап тест, крвни анализи и сл., зависно од тоа што ќе побара докторот), претходен разговор со докторот околу тоа која редовна терапија ја примате, хронични болести и/или некакви алергии, треба да бидете гладна и жедна минимум 6 часа пред закажаната хистероскопија.
Кога ќе пристигнете во болницата, ќе бидете замолени да го испразните мочниот меур и да облечете нивна наметка.
Оваа процедура се изведува во деновите по завршувањето на менструалното крварење, кога најдобро се гледа внатрешноста на матката и така би се избегнала евентуалната рана бременост.
Во одредени случаи, може и се изведува подоцна во месечниот циклус ако пациентката зема орални контрацептиви кои го одржуваат ѕидот на матката тенок и погоден за дијагностика.
Кои резултати да очекувате?
За придобивките од оваа процедура, потребно е да се разговарате со вашиот доктор, но најчесто исходот е точна дијагностика за конкретниот случај и во ситуација на наиден проблем, отстранување на истиот.
Тоа е и предноста на оваа техника, која ја сметаат за најдобра дијагностичка алатка, дека во истиот момент може да се констатира реалната состојба на матката и да се интервенира ако има потреба.
Евентуални контраиндикации?!
Начелно тоа е сигурна и безбедна постапка и вообичаено е и може да се очекува лесно крварење неколку денови, болки во стомакот и сензации врзани за евентуално користената анестезија.
Во многу ретки случаи може да дојде до некаква повреда при самото изведување на хистероскопијата.
Доколку следните денови по постапката се соочите со обилно крварење, треска и големи болки, веднаш треба да се јавите на доктор.
Заклучок.
Со хистероскопијата се исклучуваат било какви предизвици во однос на матката кои понатаму при асистираното оплодување би можеле да наштетат на исходот.
Таа се користи често како дијагностика и подготовка за вашето ин витро, како би се зголемиле шансите за успешна бременост и нејзино доносување до крај со раѓање на здраво бебе.