Микробиолошки испитувања

by Ana Andreevska

Секоја девојка/жена, кога ќе навлезе во репродуктивниот период од својот живот и ќе започне со сексуална активност, а особено кога се планира забременување, треба да одбере и често посетува матичен гинеколог за некои стандардни иследувања, како би го задржала сопственото гинеколошко здравје. Меѓу испитувањата кои се прават почесто е и земањето на брис од вагината и од цервикиксот (грлото на матката) за микробиолошки испитувања.

Кога треба да се направат микробиолошките испитувања?

Начелно, истите треба да се прават еднаш годишно ако е жената сексуално активна или почесто при појава на одредени симтоми. Најчесто овие инфекции можат да бидат асимптоматски, односно да не покажуваат никакви симптоми, но понекогаш знае да се појави чешање, црвенило, појачан секрет, непријатен мирис, пецкање при уринирање и/или болки при сексуалните односи.

Како да се припремите за такво испитување?

Пред посетата на гинекологот, треба да се направи тоалета на интимата со благо испирање со млака вода без користење на средства за интимна нега како не би се нарушила природната ПХ вредност. Исто така не треба да се има сексуални односи 24 часа пред посетата на гинекологот. За овие испитувања нема одреден период во текот на циклусот кога треба да се направат, само е потребно да нема менструално крварење. Тие брисеви се земаат така што гинекологот во својата ординација со помош на спекулум за отворање на вагиналниот отвор, ќе земе примерок од слузот кој се наоѓа во вагиналниот отвор, а исто така и од цервиксот (грлото на матката). Тоа земање на брис трае неколку минути и е безболна процедура. Потоа тие примероци се испраќаат во микробиолошка лабораторија за понатамошни анализи.

Што се дознава со микробиолошките испитувања?

Со помош на брисевите ќе се дознае дали евентуално постојат инфекции предизвикани од бактерии, вируси или габички кои покрај тоа што со нивното постоење можат да делуваат на лошиот квалитет на гинеколошко здравје на жената, така и во подноцнежниот живот таквите нетретирани инфекции можат да преставуваат пречка за забременување, износување на здрава бременост и раѓање на здраво бебе. Истите дијагностицираат дали постојат инфекции предизвикани од: mycoplasma hominis, ureaplasma urealyticum, chlamydia trachomatis, како и постоење на бактериска вагиноза и присуство на габична инфекција предизвикана од candida albicans и candida spp. Испитувањето опфаќа широк спектар на детектирање на можни предизвикувачи на сексуално преносливи болести и надвор од нормалата намножување на одредени бактерии кои ја нарушуваат нормалната микрофлора на тој регион.

Што понатаму по добиениот резултат?

Со резултатите, доколку се позитивни, се добива и антибиограм (извештај)во кој е наведено кој конкретно антибиотик треба да се употреби во конкретниот случај. Вашиот гинеколог ќе ви препише терапија која може да вклучува и локални апликации како вагиналети. За да помогнете околу излекувањето на новонастанатата ситуација, може и препорачливо е во текот на лечењето да вклучите и промена на животниот стил кон поздрав начин на живот кој би вклучил здраво исхранување, лесна физичка активност итн.

При постоење на некој предизвикувач на инфекција, задолжително е и партнерот да направи брис од уретра (мочен канал) како би се детерминирало дали постои истото заболување и кај него и во таков случај и двата партнера треба да се третираат со терапија. Во текот на лечењето не е препорачливо сексуални односи без заштита како не би дошло до размена и повторно враќање на причинителите за инфекцијата. По завршувањето на терапијата, околу 2 недели потоа, препорачливо е да се напрви контролен брис. За сето ова и детално за вашиот случај, консултацијата со вашиот матичен гинеколог е клучна.

Заклучок.

Секоја жена е одговорна за сопственото генитално здравје, па така, покрај користењето на контрацептиви со бариера, како кондомите, често треба да се посетува гинекологот за рутински прегледи меѓу кои и наведените микробиолошки испитувања. Инфекциите кои може да се установат со ова испитување лесно можат да се излечат, а доколку продолжат нетретирани, можат да направат голема штета на вашето здравје и на идното планирање на проширување на семејството.

 

Слични содржини