Ендометриоза

by Zoja Samandova Petrusheva

Што е ендометриоза?

Ендометриозата е состојба во која ткивото на матката расте и ги зафаќа другите делови од телото, јајцеводот, јајниците, надворешниот дел на матката, дебелото црево. За време на менструалните циклуси, ткивото се оштетува и предизвикува болни атхезии или рани.

Многу жени се соочуваат со разни состојби за време на нивниот репродуктивен период, кои се однесуваат на репродуктивните органи, хормоналниот статус и имаат влијание врз самата плодност. Некои од нив се безопасни и лесни за решавање, а на некои им треба поголемо внимание.

Она што е важно е дека секогаш треба да реагирате, затоа не игнорирајте никаков вид на симптоми и консултирајте се со гинеколог.

Ендометриоза – што значи оваа состојба и како да се препознае?

Болни циклуси, силни грчеви во менструацијата, како и силна болка во долниот дел на грбот може да бидат придружни симптоми на менструацијата. Сепак, особено ако се многу интензивни, тие исто така можат да бидат симптом на одредени состојби, како што е ендометриозата. Патем, ова е состојба што ја доживуваат дури 1 од 10 жени кои се во репродуктивна возраст, што секако не е занемарлива статистика.

Ендометриозата може да биде внатрешна и надворешна.

Внатрешната ендометриоза се развива во мускулниот слој на матката каде се наоѓаат гнезда од ендометриjални клетки кои образуваат мали цистички. Пациентките обично се жалат на болна и обилна менструација. Матката е зголемена и болна на допир.

Надворешната ендометриоза е најчеста во полово зрелата возраст и се среќава најчесто помеѓу 25 и 35 годишна возраст. Болката е постојана или се чувствува како дискомфорт во долниот дел на мевот како резултат на постоечките адхезии ( сраснувања ). Од ендометриозата се засегнати и јајниците, кои често се со нарушена функција и се образуваат таканаречените чоколадни цисти. Како резултат на ова се развива стерилитет ( неможност за забременување ).

Дијагнозата на ендометриозата не е лесна. За нејзиното откривање се користат повеќе методи како колпоскопија, ултразвучен преглед, хистероскопија, лапароскопија, хистеросалпингографија и хормонални испитувања.

Основни симптоми на ендометриоза кои не треба да ги игнорирате:

  • Многу силна менструална болка која е постојана од месец во месец
  • Карлична болка што се јавува помеѓу циклусите
  • Болка за време на сексуален однос
  • Болката во карлицата е комбинирана со болка во долниот дел на грбот
  • Проблеми со варењето на храната
  • Обилни крварења за време на периодот или помеѓу периодите
  • Грчеви и до 2 недели пред менстурацијата
  • Непријатност во цревата

Она што исто така треба да го знаете е дека ендометриозата не ја исклучува можноста за зачнување, но може да ја направи значително потешка. Таа често е генетски предиспонирана, а по дијагнозата се пропишува соодветна терапија. Во исто време, понекогаш се презема хируршка интервенција, што е претежно рутина, според проценката на лекарот.

Ризик-фактори за ова заболување:

Имајќи предвид дека точните предизвикувачи на ова заболување не се јасно познати, медицината не може да утврди повеќе ризик фактори, но одредени се статистички докажани:

  • Возраст – 25-40 години.
  • Семејна историја – генетскиот фактор.
  • Историја на бременост – жените кои не биле никогаш бремени, имаат поголем ризик од развивање ендометриоза, но секако, таа може да се јави кај сите жени.
  • Менструална историја – одредени проблеми со циклусот од најразлична природа.
  • Прекумерна употреба на алкохол, кофеин и седечки начин на живот.

 

Неплодност и ендометриоза

Понекогаш првиот или единствениот знак на ендометриоза е неможноста за зачнување. Неплодноста се јавува кај околу една третина од жените со ова заболување, но на кој начин ендометриозата предизвикува неплодност до сега не е познато.

Колкави се шансите за забременување и што жените можат да направат како би ги искористиле сите можности?

Постојат три можни начини за забременување со дијагностицирана ендометриоза, а тоа се: по природен пат, со лапароскопска хируршка интервенција и вонтелесно оплодување.

Забременување по природен пат

Студиите покажуваат дека жените во поодминат стадиум на ендометриоза имаат 2 до 10% шанси да останат бремени. Доколку ендометриозата е во почетна фаза (ниво I или II ) жената има многу добри шанси по природен пат да забремени.

Во поединечни случаи се покажува дека терапијата со прогестерон или гонадотропин – кои ослободуваат хормон (GnRH), не се ефикасни во зголемувањето на шансите за забременување. Се покажа дека жените кои имаат ниво I или II стадиум на ендометриоза можат да останат бремени и без тие терапии.

Лапароскопска хируршка интервенција

Најточната дијагноза може да се постави само со помош на дијагностичка лапароскопија, метода која овозможува на лекарите директно да ја видат матката, јајцеводот и карличната шуплина.

Лапароскопската интервенција е смислена така што делови од ендометриумот се отстрануваат од сите околни органи, особено од јајцеводот, со цел на нивно враќање во нормална функција.

Студиите покажуваат дека зголемен број на жени кои имале блага ендометриоза, кои забремениле после направен зафат, односно дури 63% од нив останале бремени во рок од две години после интервенцијата.

Треба да напоменеме дека ендометриозата може да се повтори, а дека со бројните интервенции шансите за бременост се намалуваат.

Вонтелесно оплодување – Ин витро

Шансите за забременување со помош на вонтелесно оплодување кај жените кои имаат ендометриоза се 39,1%, од сите старосни возрасти.

Истражувањата покажуваат дека успешноста на вонтелесното оплодување опаѓа, како степенот на ендометриоза расте.

Меѓутоа, глобално гледано, вонтелесното оплодување успешно ги зголемува шансите за бременост.

Совет:

Ендометриозата е сложена гинеколошка состојба која треба да биде третирана од страна на гинеколог специјалист, кој е обучен и едуциран во дијагностицирање и третирање на оваа состојба, и кој се разбира ќе даде поширока слика во третманот на оваа состојба.

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини