Најчестите прашања за ин витро фертилизација

by martin

Кои се најчестите прашања за ин витро фертилизација?

  • Што е ин витро оплодување?

Името ин витро или вонтелесно оплодување е од таму што оплодувањето не се случува во телото на жената, туку надвор од неа.

Првото ин витро оплодување е направено во седумдесеттите години на 20 век.

На почетокот замислата била со ин-витро техниката да се овозможи забременување на жени со непроодни јајцеводи.

Покасно се увидело дека вонтелесното или ин-витро оплодувањето може да биде успешно и денес нашироко се користи и за други нарушувања на плодноста.

Тука спаѓаат: идиопатска или необјаснета неплодност, ендометриоза, неплодност поврзана со машкиот фактор итн.

На кратко ин витро техниката се состои во: употреба на хормонални препарати за да се предизвика созревање на повеќе јајце клетки, потоа јајце клетките се вадат од телото на жената, се оплодуваат во посебен сад со сперма од мажот и потоа зачнатиот ембрион се враќа во матката.

Останатите ембриони можат да се замрзнат и да се употребат кога парот ќе одлучи за тоа.

Ин витро техниката обично се применува кај парови, кај кои другите методи на потпомогнато оплодување немале успех.

Бидејки се работи за скап и доста исцрпувачки метод, не само телесно, туку и психички, се остава како последна алтернатива доколку не се успее на друг начин.

Сепак многу парови кои немале друг начин, станале родители со помош на ИВФ.

  • Кога се употребува ин витро оплодување – ИВФ?

ИВФ е метод на избор при болест на јајцеводите, како и при значајно намален број или лош квалитет на сперматозоидите во семената течност.

Истата се применува и кога се работи за донација на јајце клетки или сперматозоиди.

ИВФ се применува кога останатите методи за забременување на жената се исцрпени.

  • Дали постои возрасно ограничување за спроведување на методот?

Не постои возрасно ограничување, но треба да се има во предвид дека кај жена над 40 годишна возраст успешноста е значително намалена.

  • Како се изведува постапката на вонтелесно оплодување?

Фаза на вештачки циклус: Се користат контрацептивни таблети и поткожни инекции со кои се смирува функцијата на јајниците.

Фаза на оваријална хиперстимулација: Се употребуваат хормонски препарати во форма на инекции со кои се стимулира развојот на голем број на јајце клетки за оплодување и на тој начин се зголемуваат шансите за успех.

Фаза на завршно созревање: Се дава стоп инекција со која се постигнува созревање на јајце клетките.

Фаза на пункција на фоликулите: Со игла, со пристап низ вагината, се извелкува фоликуларната течност во која се добиваат јајце клетките. Пункцијата се изведува во анестезија под контрола на ултразвук.

Фаза на оплодување во лабораториски услови: Со класичниот метод на ИВФ, јајце клетките се инкубираат во течен хранлив медиум, се инсеминираат со сперматозоиди добиени од семената течност по пат на ејакулација и повремено се контролира процесот на оплодување.

Во одредени случаи се спроведува микрофертилизација со директно инјектирање на сперматозоидот во јајце клетката со што се олеснува оплодувањето.Ембриотрансфер – после 3-5 дена (зависно од начинот на кој работи клиниката) се прави проценка на оплодените јајце клетки и најквалитетните ембриони се враќаат назад во матката.

Во некои клиники ембротрансферот се прави после 2-3 дена, но се покажало дека поголеми шанси да дојде до бременост има ако се почека ембрионот да се развие до стадиум на бластоциста и да се врати во матката 5-7 дена по аспирацијата.

Ова е од причина што некои ембриони иако се зачнале, нема да продолжат да растат и да се развијат до стадиум на блацстоциста.

Не се препорачува да се вратат повеќе од 2 или 3 ембриони, затоа што така расте опасноста од повеќекратна бременост и компликации во истата.

Во некои земји бројот на вратените ембриони законски е ограничен на 2.

Според некои мислења доколку се вратат повеќе ембриони се намалува и шансата за нивна имплантација.

Во случај да има повеќе ембриони постои опција да се замрзнат.

Самата постапка на ембриотрансфер тече така што низ грлото на матката се внесува танок катетар и преку него се внесуваат ембрионите.

Постапката не е болна и нема потреба од анестезија.

Жената после ембриорансферот лежи неколку часа и си оди дома.

  • Дали постојат ограничувања во активностите по спроведената постапка?

На денот на пункција фоликулите и ембриотрансферот потребен е одмор.

Во периодот кој следи се применува хормонска терапија (прогестерон) и не постојат посебни ограничувања во однос на движењето и работните обврски.

Сексуалните односи се забранети се додека не се утврди дали настапила бременост.

  • Дали бременоста со вештачко оплодување е ризична?

Бременоста како резултата на вонтелесно оплодување не е со зголемен ризик поради самата постапка.

Ризикот произлегува од возраста на пациентката и нејзината патологија.

  • Колку време трае постапката?

Целата постапка во сите нејзини фази трае околу 6 недели.

  • Колкава е успешноста на методата?

Успешноста на ИВФ или ин-витро постапката зависи од клиниката во која се прави, но и од возраста на жената.

Генерално земено успешноста кај жени до 35 год. е 30-35% во еден циклус, кај жени од 35-37 години е околу 25%, кај жени од 38-40 години е 15-20% и кај жени над 40 години успешноста во еден циклус се движи од 6-10%.

Сепак ова е статистика и не значи дека кај помладите жени мора да успее уште првата постапка, а кај постарите дека нема да биде успешно.

  • Колку пати и за кој временски период може да се повтори постапката?

Нема ограничување во можноста за повторно спроведување на постапката по период од 3-4 месеци.

Се смета дека успешноста расте до три последователни обиди.

  • Дали бебето родено со ИВФ е здраво?

Бебето родено по постапката на ИВФ е здраво и без никакви последици од самата процедура.

Слични содржини