Во обидот да се подобри квалитетот на човечкиот живот преку многубројните технологии достапни денес, кои непрекинато се развиваат, она што не изостанува е инфертилитетот. Имајќи ја предвид потребата од справување со оваа состојба, се појавуваат нови репродуктивни технологии, со цел да помогне на паровите кои не можат да имаат деца.
Една од тие методи е и вонтелесното оплодување или ин витро. Со раѓањето на првото бебе Лиуз Браун во 1978 година (по десетгодишни обиди), се чинело како се да е возможно. И можеби навистина е така, затоа што инфертилитетот доаѓа во различни облици, па оттука се наметнува и потребата да се најдат различни решенија.
Токму сурогат мајчинството е едно од тие решенија. Сурогат мајката е жена или девојка која по пат на договор е оплодена, го носи и го раѓа детето за неплоден пар, без надоместок.
Првиот случај на сурогат мајка кој и бил претставен на јавноста е сличајот Бебето М. Во 1984 година Мери Бет Вајтхед одлучила да биде сурогат мајка за брачната двојка Стерн. Поради крајната одлуката сурогат мајката да не го даде детето на парот, овој случај е еден од најконтроверзните во САД. Како резултат на тоа, голем број на држави го забрануваат комерцијалното сурогат мајчинство.
Во зависност од нивоата на инфертилитет, постојат 2 вида на сурогат мајчинство:
- Гестациско (или потполно) сурогат мајчинство, кое подразбира дека детето кое го носи сурогат мајката има генетски материјал од парот кој ќе го добие детето. Тука всушност сурогат мајката ја “позајмува” својата матка. Гестациското сурогат мајчинство бара да се спроведе постапка на вонтелесно оплодување и пренос на ембриони во матката на сурогат мајката 24-72 часа по оплодувањето (ембриотрансфер)
- Традиционално (или парцијално) сурогат мајчинство се карактеризира со тоа што детето е воедно и генетски поврзано со сурогат мајката. Ова е можеби најчестиот облик на сурогатство. Оплодувањето се врши преку вештачка инсеминација со спермата од таткото (но не се исклучува и можноста по природен пат, односно со сексуален однос).
За да се случи било кое од овие два вида на сурогат мајчинство, пред се треба да постои договор помеѓу сурогат мајката и парот кој ќе го добие детето. Што се однесува до тој договор, доколку вклучува било каков паричен надоместок, станува збор за комерцијално сурогат мајчинство (иако овој вид на сурогатсво е честопати критикуван поради одредувањето на цена на животот на детето). Жените во Индија веруваат дека доколку носат дете за некој пар, ќе го тргнат “проклетството”, во овој случај инфертилитетот.
Ако по договор се покриваат само основните трошоци (редовните предгледи, постапката за оплодување и породувањето) тогаш станува збор за алтруистичко сурогат мајчинство, каде целта е да се помогне на неплодниот пар.
Кога веќе ги наведовме општите карактеристики на сурогат мајчинството, би обрнале внимание на состојбата на истата во нашата земја. Поради одредена доза на конзервативност во нашето општество, сеуште табу тема, па оттука и стравот да се говори за истото, но законски дозволена. Во 2014 година со член 1 (потточка 5) се изменува законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (понатаму во текстот БПО), со што македонскиот законодавец го одобрува БПО со гестациски носител, или алтруистичко сурогат мајчинство. Во текстот ќе бидат прикажани некој основни обврски и должности кои ги наведува македонскиот законодавец.
Гестациски носител според законите во нашата држава може да биде жена која ги исполнува следните услови:
-да биде државјанин на Република Северна Македонија
-да биде во добра психофизичка и општа здравствена состојба
-да биде на возраст од најмалку 25 години живот, се до возраст во која жената е во добра психофизичка и општа здравствена состојба, која овозможува здрава бременост и раѓање на здраво дете
-мајка на најмалку едно дете во моментот на започнувањето на постапката за БПО
-да не и е одземено или ограничено родителското право
-да не и е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеци
-да не и е ограничена или одземена деловната способност
-да не е душевно болна или лице со пречки во интелектуалниот развој
-да не е зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол
-да нема тешко хронично заболување или да не е болна од неизлечива заразна болест
Меѓу другите законски обврски кои се наведени како должности на гестацискиот носител се следниве:
-гестацискиот носител има право само еднаш да роди дете за друг брачен пар
-исто така гестацискиот носител има право да побара прекинување на бременоста
-гестацискиот носител (кој е во работен однос) има право на отсуство од работа поради бременост и раѓање во времетраење од 45 дена.
Што се однесува до законските должности на парот кој ќе го добие детето, тие се следните:
-брачната двојка има обврска да ги земе сите деца родени од повеќеплодна бременост, и исто така има обврска да го превземе детето доколку е родено со попреченост која не била откриена во текот на бременоста
-брачната двојка има право да бара прекинување на бременоста на гестацискиот носител доколку бидат утврдени одредени медицински индикации
-жената од брачната двојка исто така остварува право на породилно отсуство
Во нашата земја сеуште се прават напори за луѓето кои се одлучуваат за вонтелесно оплодување, да проговорат за постапката ставајќи ги на страна сите стереотиппи, па затоа сурогат мајчинството не се ни споменува како опција. Иако комплексна тема во однос на прифаќањето на состојбата, потоа на целата постапка, општеството дополнително го отежнува сето тоа со етикетирање и неприфаќање, и покрај законското одобрение.
Фактот дека поради вметнувањето на трет член во интимата на брачниот пар, целиот процес добива една друга насока, која во секој момент може да тргне наопаку е неспорен. Токму оваа е причината која ја прави оваа работа истовремено најкомплексна и најчувствителна. Ова се можеби само основните карактеристики на сурогат мајчинството кое со себе носи многу етички, но и правни дилеми. Она што е најважно и што е целта на овој текст е луѓето да бидат информирани дека во нашата земја постои можност да се одбере овој начин на оплодување како решение за неплодните парови.
Автор на текстот: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!