Правото на БПО може да остварите доколку е исполнета една од апсолутните или релативните медицински индикации кои се пропишани во членот 6 од Правилникот за БПО. Правото на БПО со сопствен репродуктивен материјал (автологно БПО) се остварува врз основа на утврдени апсолутни и релативни медицински индикации кои се фактори од кои зависи примената на БПО постапките, согласно медицина базирана на докази. Право на БПО покрај со сопствен репродуктивен материјал, може да се оствари и со донорски сперматозоиди, јајце клетки или ембриони.
Право на поведување на постапка на БПО со донорски материјал (сперматозоиди, јајце клетки или ембриони) освен вонбрачни и брачни парови имаат и полнолетни жени кои не се во брак или не живеат во вонбрачна заедница, ако претходното лекување е неуспешно или лекувањето со други методи е безизлезно и според општата здравствена состојба се способни за родителска грижа.
Брачна двојка има право да поведе постапка за БПО со гестациски носител само за постапката на внесување на ембрионот во матката на гестацискиот носител. Постапката за БПО со гестациски носител може да се врши со: спојување на јајце клетка и сперматозоиди на жената и мажот кои се во брак; спојување на сперматозоид на мажот од брачната двојка и донирана јајце клетка; спојување на јајце клетка на жената од брачната двојка со дониран сперматозоид; трансфер на ембрион добиен со спојување на донирана јајце клетка и дониран сперматозоид.
Доколку не постои некоја од овие медицински индикации, матичниот гинеколог треба да ве запознае со тоа и да ви ги објасни можностите за натамошно лекување.
Осигуреното лице остварува право на БПО во случаj кога постојат апсолутни медицински индикации и тоа:
- Перзистентна обструкција на тубите, било проксимална или дистална и после реконструктивна хирургија на тубите.
- Тешко заболување на тубите кое не е можно да се реши со реконструктивна хирургија.
- Две или повеќе претходни ектопични бремености.
- Тешка или проширена ендометриоза која не реагирала на хируршкиот третман.
- Утврден машки фактор на неплодност, со број на подвижни сперматозоиди и по обработка помал од 4 М/мл.
- Тешко нарушување на машкиот фактор, со помалку од 4% сперматозоиди со нормална морфологија.
- Двојки кои имаат лимитирано количество на сперма на располагање по криопрезервација заради канцер.
- Овулаторна дисфункција (полицистични овариуми) со неприфатлив ризик за оваријална хиперстимулација по спроведена гонадотропинска стимулација.
- PCOS по спроведување на сите терапевтски мерки.
- Овулаторна дисфунција (предвремена менопауза) која бара донација на јајце клетки.
- Траење на неплодност подолга од 3 години по неуспех на други методи на лекување на индукција на овулација со IUI спроведена 4 пати, со пауза од најмалку 2 циклуса помеѓу секоја инсеминација, во здравствена установа, која има дозвола од Министерството за здравство за вршење на таа дејност.
- Неплодност предизвикана од мешани фактори кај двата партнери.
- При ограничена оваријална резерва на јајниците со вредност на FSH повисоки од 12,5 mlIU/ml, вредности на естрадиол повисоки од 60 pg/ml на третиот ден од циклусот, ниво на anti-Mullerian хормон во серум пониски од 1 ng/ml и број на антрални фоликули на ехо-преглед помал од 5, само првиот обид за БПО е со сопствен репродуктивен материјал (ооцити), по барање на осигуреното лице.
Осигуреното лице може да оствари право на БПО со релативни медицински индикации во случај кога:
- претходното лекување од инфертилитет траело помалку од две години во случаите на приближување на крајот на репродуктивниот период на осигуреното лице;
- претходното лекување од инфертилитет траело најмалку три години во случаите на почетокот на репродуктивниот период на осигуреното лице;
- лекувањето е неуспешно или со други методи безизгледно;
- постои веројатност од зачнување и породување
Осигуреното лице треба да исполни најмалку една од следните релативни медицински индикации:
- заболување на тубите кое има лоша прогноза и/или неуспех да се зачне во текот на 1 година по реконструктивна хирургија.
- eдна претходна ектопична бременост и заболување на тубите.
- неуспех да се зачне во тек на 12 месеци од операција на ендометриоза.
- утврдена умерена дисфункција кај машкиот партнер со неможност да се зачне после оваријална стимулација и интраутерина инсеминација спроведена 4 пати, со пауза од најмалку 2 циклуса помеѓу секоја инсеминација, во здравствена установа која има дозвола од Министерството за здравство за вршење на таа дејност.
- утврдена умерена дисфункција кај машкиот партнер која не одговара на соодветно лекување на машкиот партнер и интраутерина инсеминација.
- умерена ограниченост на количината на сперма по криопрезервација заради канцер.
- неприфатливо висок ризик од мултипни бремености како компликации после оваријална стимулација и IUI
Осигуреното лице може да оствари прво на БПО само со донорски сперматозоиди, ооцити или ембриони при:
- После првиот неуспешен обид за инвитро-фертилизација со автологни ооцити на товар на Фондот кај непостоечка или ограничена оваријална резерва на јајниците со вредност на FSH повисоки од 12,5 mlIU/ml, вредности на Естрадиол повисоки од 60 pg/ml на третиот ден од циклусот, ниво на anti-Mullerian хормон во серум пониски од 1 ng/ml и број на антрални фоликули на ехо-преглед помал од 5.
- Aзооспермија (патохистолошки докажана) која не реагира на ниеден третман.
- После 1 неуспешен обид за фертилизација на ооцит со автологна сперма со ин витро постапка кај тешки форми на олигоастенотератозооспермија.
- Докажано носителство за тешка доминантна генетска болест која се пренесува на породот, без постоење на апсолутни и релативни медицински индикации за БПО на товар на Фондот.
- Докажано носителство за тешка рецесивна генетска болест, која може да се пренесе на породот каде постојат апсолутни или релативни медицински индикации за БПО на товар на Фондот.
При постоење на утврдени состојби кои не може да се корегираат, а предизвикуваат трајна неплодност и кај кои лекувањето е неуспешно и со други методи е безизгледно, осигуреното лице не може да се лекува со БПО, согласно медицина базирана на докази во случаи на:
- миоми на матка, освен супсерозни или интрамурално–супсерозни кои се оддалечени од кавумот најмалку 1cm и пречник до 5cm;
- некорегирани интраутерини адхезии;
- некорегирани вродени аномалии на матката;
- инсуфициентен цервикс;
Можете да остварите право на биомедицинско потпомогнато оплодување спроведени со автологно оплодување и алогенеичко оплодување за прво,второ, трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување на товар на Фондот за здравствено осигурување. Периодот за поднесување на документи по неуспешен обид не треба да биде пократок од 6 месеци од денот на неуспешниот трансфер. Периодот помеѓу успешениот обид за оплодување кој завршил со живородено дете до повторен обид за оплодување не треба да биде пократок од 18 месеци. Осигуреното лице кое го остварило правото на вонтелесно оплодување 3 пати на товар на Фондот за прво дете, како и осигуреното лице за кое Комисијата донела негативно мислење, нема право повторно да поднесе барање до Фондот.
Осигурените лица во брачна или вонбрачна заедница кои немаат заеднички пород, а кои имаат пород од претходни заедници, можат да остварат право на БПО на товар на Фондот.
Осигуреното лице кое го остварило правото на биомедицинско потпомогнато оплодување спроведени со автологно оплодување и алогенеичко оплодување за прво, второ, трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодувањe, осигуреното лице за кое Комисијата донела негативно мислење поради постоење на утврдени состојби кои предизвикуваат неплодност и кај кои лекувањето е неуспешно и со други методи е безизгледно осигуреното лице да се лекува со БПО постапка, согласно медицина базирана на докази, нема право да поднесе повторно барање до Фондот.
Постапка за остварување на правото на БПО
Најпрво треба да се обратите кај избраниот матичен гинеколог, кој треба да ја прегледа претходната медицинска документација и да го ве упати на сите потребни испитувања во согласност со Правилникот.
Доколку решите да ги направите неопходните анализи во здравствена установа со која Фондот нема склучено договор, тогаш тоа е на ваш трошок, без можност за поврат на средствата од страна на Фондот.
Откако ќе ги обезбедите сите потребни медицински документи, треба да обезбедите Предлог за БПО – Образец 2, кој може да се испечати или подигне од подрачната служба на Фондот и да го достави до гинекологот. Потоа, гинекологот ја прегледува, ја приложува и ја подредува сета потребна медицинска документација во оригинал, ако се е во ред го пополнува Предлогот, го потпишува и го заверува. На образецот мора да се потпишете и вие, со што потврдувате дека сте подготвени да ја започнете постапката.
Потоа се обраќате во подрачната служба на Фондот, каде што пополнувате барање за БПО на Образец 1 и изјава за БПО на Образец 3.
Врз основа на Предлогот од избраниот гинеколог со придружната медицинска и административна документација, Комисијата дава оцена и мислење за потребата од спроведување на постапката на БПО. Комисијата донесува одлука, која може да биде позитивна, негативна или да ве упати на дополнителни медицински испитувања, по кои повторно ќе се произнесе. Комисијата ги дава наодот, оцената и мислењето во форма на стручно мислење, врз основа на кое Фондот ви доставува известување во пропишан образец известување (И-БПО) на адресата за контакт наведена во барањето.
Обврски на осигуреникот по добивање на известување за БПО
По добивање на известувањето со кое ви е одобрено правото на БПО, земате упат од матичниот гинеколог за специјалистичко-консултативна здравствена заштита до здравствената установа со која Фондот има склучено договор за БПО, по ваш избор.
По добивањето на известувањето, во кое се бараат дополнителни медицински испитувања, одите кај матичниот гинеколог кој ќе го упати на понатамошните испитувања. Откако ќе ги направите сите дополнителни испитувања како во известувањето, без нов предлог од матичниот гинеколог ги поднесувате документите за тие испитувања заедно со известувањето до секретарот на Комисијата за остварување на правото на БПО при Фондот. Секретарот ги проследува документите до Комисијата, која повторно ќе се произнесе.
По добивање на негативно известување, во рок од 8 дена од денот на добивање на известувањето имате право на приговор до директорот на Фондот. Известувањето на директорот на Фондот по приговорот е конечно и по него имате право да поведете парница.
Можете да го остварите правото на БПО во рок од 6 месеци од денот на приемот на известувањето дека ви е одобрено. Доколку не го искористите во текот на споменатиот период, правото ви истекува, гинекологот не може да му издаде упат и ќе треба одново да ја започне целата постапка.
Обврски на здравствена установа која врши БПО
Здравствената установа во која ќе ја започнете постапката за БПО, пред отпочнување на постапката, е должна да ве запознае со Протоколот за завршени здравствени услуги кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за БПО и да ви објасни што е покриено од Фондот и во колкава количина- Образец 4 – Протокол за БПО.
По завршување на постапката за БПО, Протоколот се заверува и се потпишува од здравствената установа и осигуреното лице.
Трошоците за сите лекови, услуги и материјали кои ќе бидат потрошени во текот на постапката на БПО, а кои не се составен дел од Протоколот, се на ваш трошок, без можност за поврат на средствата од страна на Фондот.
Листата на здравствени установи кои имаат потпишано договор со фондот можете да ја погледнете тука.
Потребни документи за поднесување во Фондот за здравствено осигурување за остварување на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО):
- барање за остварување на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО);
- здравствена легитимација на увид;
- фотокопија од извод на венчани или изјава за вонбрачна заедница;
- изјава за БПО;
- предлог за остварување на правото на биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО);
- медицинска документација дека се извршени една или повеќе од следните методи: ХСГ и/ или лапароскопија и хистероскопија и/ или лапаротомија ; Само кај утврден машки фактор на неплодност, со број на подвижни сперматозоиди и по обработка помал од 4 М/мл или тешко нарушување на машкиот фактор со помалку од 4% сперматозоиди со нормална морфологија, доволен е 4 DV ултра звук на кавум утери.
- ехографски преглед со морфологија на матка и јајници;
- кај азооспермија за утврдување на неплодност, покрај биопсија на тестис задолжителен е и патохистолошки наод.
- утврден машки фактор на неплодност, со број на подвижни сперматозоиди и по припрема помал од милион.
- тешко нарушување на машкиот фактор, со помалку од 4% сперматозоиди со нормална морфологија.
- документи за направени две или повеќе анализи на спермата со најмаку еден месец разлика меѓу нив во повеќе од една здравствена установа, која има дозвола од Министерството за здравство за вршење на таа дејност, а последната анализа да не е извршена пред повеќе од една година пред поднесувањето на барањето;
- податоци за неплодност за период од најмалку три години, лекувана со конвенционални методи, со реализирани најмалку четири циклуси на интраутерална инсеминација (IUI);
- резултати од извршена анализа на хормонален статус: FSH, LH, PRL, E2, TSH – трет ден од циклус, (не постари од шест месеци);
- PAP skrining (не постар од една година доколку бил уреден);
- микробиолошки брисеви од вагина и цервикс вклучувајќи и Chlamidia trachomatis (не постари од шест месеци);
- маркери за Hepatit B i C, HIV за двајцата брачни партнери (не постари од шест месеци);
- крвна слика, гликемија, седиментација (не постари од шест месеци);
- друга медицинска документација во зависност од здравствената состојба на брачниот пар (извршени дијагностички или оперативни интервенции во врска со стерилитет,извршени инсеминации, извршени ин витро фертилизации, останати заболувања, терапија и мислење од специјалисти, останато).
- отпусно писмо постаро од 18 месеци за првото второто односно третото породувањесо живородено дете.
Сета документација се доставува до Фондот во оригинал, но пожелно е да се направи копии за сопствени потреби и за потребите на здравствената установа каде ќе се врши БПО постапката.
Ви посакуваме успех! Среќно!
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!