Азооспермија

by Ana Andreevska

Неплодноста кај мажите може да биде предизвикана од голем број на фактори. Главниот проблем кој е заеднички за сите овие фактори е способноста на сперматозоидите да ја оплодат јајце клетката. За разлика од женскиот стерилитет, машкиот фактор на неплодност нема брзо опаѓачка стапка поврзана со возраста и е поедноставен за дијагностицирање и лекувањето е помалку инвазивно.

 

Азооспермијата е една од најтешките облици на неплодност кај мажите. Тоа е состојба во која отсуствуваат сперматозоиди во ејакулатот. Азооспермијата е придружена со неможноста на зачнувањето па природен пат а во некои случаи и со помош на асистираните репродуктивни техники. Со цел да се транспортираат надвор од телото сперматозоидите се мешаат со ејакулатот, во одредени места на машкиот репродуктивен систем. Понекогаш, поради блокада или проблеми со производство на сперматозоиди, тие не се мешаат со ејакулатот и затоа не можат да го напуштат телото. Задолжително се прават хормонални испитувања, а по потреба и генетски. Отсуството на сперматозоиди може да се должи на непостоење на сперматогенеза, но може да се работи и за постоење на сперматогенеза и некоја блокада. Од тука азооспермијата може да биде опструктивна и неопструктивна.

Опструктивна азооспермија

Во нормални услови сперматозоидите преку семеноводите влегуваат во уретралниот канал непречено. Основа на опструктивна азооспермија е постоење на блокади кои не дозволуваат сперматозоидите да влезат во ејакулатот. Во овој случај најчесто машки полови клетки се произведуваат во доволни количини, имаат нормална морфологија и подвижност. Оваа појава е резултат на вродени и стекнати аномалии на репродуктивниот систем, трауматски повреди на надворешните генитални органи или инфективни и воспалителни болести на машки генитални органи како гонореа, кламидија, туберкулоза, инфекција на простатата и слично. Доколку се работи за блокада, можна опција е нејзино хируршко отстранување. Друга алтернатива е хируршки методи на екстракција на сперма. Често овие методи се покажуваат како успешни и мажи со опструктивна азооспермија често може да имаат свои биолошки деца со употреба на IVF/ ICSI третманот.

Неoпструктивна азооспермија (секреторна)

Неопструктивната (секреторна) азооспермија се однесува на проблемите кои се поврзани со производство или созревање на сперматозоидите. Овој тип на азооспермија е многу почеста отколку опструктивната форма. Се карактеризира со нефункционирање на машките полови жлезди (тестиси) и комплетно отсуство на сперматозоиди во ејакулатот. Секретарната азооспермија може да биде или вродена или стекната. Најчеста причина за овој тип азооспермија се генетските пореметувања во развојот на машките полови жлезди, крипторхизам (неспуштени тестиси), радиотерапија и хемотерапија, воспаление на тестисите како компликација на паротит (заушки), намалени нивоа на тестостерон во машкото тело, пиење и пушење, земање одредени групи на лекови (антибактериски и антиинфламаторни лекови, кортикостероиди), дијабетес мелитус, продолжено зголемување на телесната температура, користење анаболни стероиди, Синдромот на Кушинг и слично. Кога проблемот е ендокрин, постои можност со соодветна хормонска терапија да се постигне одреден успех. Хируршкото пронаоѓање сперма исто така понекогаш може да доведе до успех, но сепак, во повеќето случаи со цел да се постигне бременост, може да биде потребен ИВФ третман со користење на сперма од донор.

Опстуктивниот и неопструктивниот тип азооспермија се разликуваат по нивото на тестостерон во крвта. Кај опструктивната азооспермија имаме нормална функција на тестисите и нормално ниво на тестостерон во крвта, за разлика од неопструктивната каде нивото на тестостерон е релативно ниско. Недостатокот на сперматозоиди во ејакулатот не налага веднаш лечење со тестостерон, како што често се практикува. Лечењето со тестостерон би имало ефект само кај мажи кај кои е докажан проблем со неговото производство. При генетски проблеми, тестостеронот е непотребен и нема ефект.

Откако ќе се дијагностицита азооспермија потребно е пациентот да се обезбеди со брза и квалитетна информација во врска со можните причини за неговата состојба. Соодветна консултација со двојката, која за прв пат се среќава со овој проблем за да им се објаснат процедурите на асистираната репродукција, погодни за конкретниот пациент. Потребна е и психолошка поддршка на двојката на која треба да и се објаснат потешкотиите кои треба да ги надминат.

Слични содржини