IUI – ИНТРАУТЕРИНА ИНСЕМИНАЦИЈА

by Ana Andreevska
Што е инсеминација?

IUI –  Интраутерината инсеминација е прилично едноставна метода на биопотпомогнато оплодување со која што претходно припремениот семен материјал од машкиот партнер се внесува внатре во матката на жената за време на овулацијата, со што се зголемува веројатноста за оплодување и зачнување.

Интраутериното оплодување e техника на асистирано оплодување со помош на која преработените сперматозоиди се вметнуваат директно во матката, што го скратува нивниот пат до местото на оплодување. Инсеминацијата е третман на неплодност, при што се зема сперма од мажот и се става во гениталниот тракт на жената. На тој начин се скратува патот кој треба да го поминат сперматозоидите за да ја оплодат јајце клетката. Инсеминацијата денес е нашироко распространета техника во лекувањето на неплодноста. Стандардна процедура во лекувањето на неплодноста е пред да се оди со ивитро оплодување да се направи обид со неколку инсеминации.

Најчесто се користи кај парови со т.н идиопатска неплодност или неплодност од непознато потекло, при проблеми со овулацијата (откако претходно медикаментозно жената е доведена до овулација), а основен предуслов за примена на оваа метода е обострана проодност на тубите (јајоводите).

Постапка за инсеминација:

Инсеминацијата е релативно едноставна постапка.

Доколку жената има нормална функција на јајниците, инсеминацијата може да се прави без хормонална стимулација. Сепак шансите за успех се поголеми кога има повеќе фоликули. Од таа причина најчесто и кај жени кои имаат нормална овулација, се стимулира созревање на повеќе јајце клетки.

Стимулацијата се прави со Кломифен или инекции со гонадотропини. Кај жени кои немаат редовна овулација, задолжително се дава хормонална стимулација.

Потоа жената се следи на ултразвук и кога лекарот ќе оцени дека фоликулите се доволно созреани, прима инекција со hCG хормон (најчсето Прегнил или Овидрел) за да се предизвика прскање на фоликулите. Овулацијата се случува околку 36 часа по примањето на инекцијата. За тоа време се закажува и инсеминацијата.

На деност на инсеминацијата сопругот дава примерок од спермата и потоа таа лабораториски се обработува. Спермата се промива, се центрифугира за да се отстранат мртвите и абнормалните сперматозоиди, се отстранат другите примеси и сперматозоидите се ставаат во медиум вој има и антибиотици. Антибиотиците се употребуваат да се спречи евентуална инфекција кај жената.

Всушност со обработката на спермата, се концентрираат поквалитетните сперматозоиди. Доколку мажот има намалена плодност, но има повеќе од 5 000 000 сперматозоиди во обработената сперма, се смета дека бројката е доволна за успех. Иако со инсеминацијата се потпомогнува оплодувањето, затоа што се скратува патот кој сперматозоидите треба да го поминат за да ја оплодат јајце клетката, сепак мора да ги има во доволен број и да бидат доволно подвижни за да стасаат до неа. Доколку има помалку од 5 000 000 здрави сперматозоиди, се смета дека инсеминацијата нема да има успех и се оди со ICSI ин витро постапка.

Така обработената сперма со посебен катетар се вметнува директно во матката на жената. Потоа жената се остава да полежи 10-20 минути и си оди дома.

Инсеминацијата се препорачува кај:
  • Жени кај кои не е доволно добар квалитетот на цервикалната слуз.
  • Случаи на необјаснета неплодност.
  • Жени со блага или средно раширена ендометриоза.
  • Случаи со благо нарушување на плодноста кај мажот.
  • Кај овулаторни нарушувања, инсеминацијата во комбинација со хормонална стимулација со Кломифен или гонадотропини, има нешто поголем успех отколку темпираните односи.

Кога се прави кај жени со нормална овулаторна функција, доколку не дојде до успех после најмногу 3-4 инсеминации, се препорачува да се оди со ин витро.

Кај жени кои без стимулација немаат овулација, може да се направат до 5-6 обиди со инсеминација. Потоа во случај на неуспех се препорачува ин витро.

Инсеминацијата не се препорачува кај:
  • Непроодни или оштетени јајцеводи. Се препорачува претходно да се направи ХСГ снимање.
  • Тешка ендометриоза.
  • Намалена резерва на јајниците.
  • Тежок случај на машка неплодност. Во тој случај се препорачува ICSI ин витро метода.

Статистичките податоци велат дека успехот на овој процес се движи од 10 до 12%.

 

Слични содржини