Малку поблиску до Ин Витро (IVF) фертилизацијата и целиот процес.
Предизвиците на модерното време, забрзаното темпо на работа, борбата за кариера, финансии, сето тоа го одложува донесувањето на одлуката кај паровите за создавање потомство. Од друга страна, промената на демографската карта и значителниот пораст на паровите кои се соочуваат со неплодност, водат до зголемување на потребата на техниките за асистирана репродукција.
При ин витро или вонтелесно оплодување, оплодувањето не се случува во телото на жената, туку надвор од неа. Ин витро фертилизација (IVF) или вонтелесно оплодување е процес на спојување на јајце клетката и сперматозоидот во лабораториски услови. Ин витро значи ‘во стакло, во епрувета, во определени услови’, спротивно од ин виво што значи ‘во живо’. Причини поради кои оваа метода се користи за оплодување се непроодни јајчници, идиопатска или необјаснета неплодност, ендометриоза, неплодност поврзана со машкиот фактор итн.
Како е постапката?
Ин витро процедурата поминува низ неколку фази :
- Подготовка за ИВФ
- Овариjална супресија
- Овариjална стимулација
- Аспирација на јајцеклетки
- Оплодување на јајцеклетките
- Ембриотрансфер
- Тест за бременост
ПОДГОТОВКА ЗА ИВФ – Секоја ИВФ процедура почнува со подготовка и преглед најмалку 1 месец пред започнување на постапката. Проценката за терапија вклучува избор на начинот на стимулација и лекарствата што се најсоодветни за Вас. Вашиот доктор ќе Ве информира кога да дојдете на преглед- обично на 9-10 ден од месечниот циклус, а ако циклусот Ви е подолг од 32 дена околу 12-13 ден.
- Должината на циклусот се пресметува од првиот ден на крварење од претходниот циклус до првиот ден на крварење во следниот месец. Прв ден е оној на јасно крварење, а ако крварењето се појави во попладневните или вечерните саати тогаш за прв ден се смета следниот ден.
Прегледот опфаќа ултразвук на генитални органи- матка, јајници, дебелина на лигавицата на матката при празен мочен меур. По прегледот вашиот доктор ќе Ви назначи хормонски испитувања, како најчесто се испитуваат ЛХ, ФСХ, Е2, Пролактин, ТСХ. Овие испитувања се прават во определени денови од циклусот- пр. На 3-ти ден се испитуваат ЛХ,ФСХ И Е2, а на чист ден ( без крварење) – Пролактин и ТСХ .
Пред почеток на процедурата Вашиот партнер треба да направи:
- Испитувања на ејакулатот- микробиологија и спермограм. За спермограмот е важна полова апстиненција 2-7 дена (5 по СЗО)
- Испитувања за ХИВ, Хеп.Б и Ц
ОВАРИJАЛНА СУПРЕСИЈА – овулацијата на жената се контролира со специјални лекови наречени GnRH аналози ( гонадотропин рилизинг хормон аналози ). Има две категории на GnRH аналози – агонисти и антагонисти. Овие лекарства не дозвoлуваат да се ослободат јајце клетки прерано за време на целата процедура. Затоа оваа фаза се нарекува фаза на фоликуларна супресија. GnRH аналозите се даваат интрамускулно или како подкожна инекција. Како странични ефекти од овие лекови можат да се појават главоболка, топли бранови, сувост во вагината, промени во расположението, црвенило, болка и друго, но сите овие странични ефекти се краткотрајни и минливи.
ФОЛИКУЛАРНА СТИМУЛАЦИЈА – За да се зголемат шансите за бременост се користат лекарства за стимулација на јајниците со цел да се добијат повеќе фоликули и од таму и повеќе јајце клетки, многу повеќе од нормалниот циклус. Како странични ефекти од овие лекови можат да се појават црвенило, болка, умор, чуствтелност на градите, синдром на овариjална хиперстимулација, цисти во јајниците и болки во малата карлица.
Инекциите за стимулација на јајниците се даваат од 7 до 10 дена. За време на тој период треба да го посетувате ин витро центарот почесто, за да се следи растот на фоликулите и репродуктивните хормони во крвта. За време на овие прегледи дозата на лекарствата може да се менува по наша проценка. Кога фоликулите ќе ја достигнат потребната големина се дава инекција, наречена стоп инекција која на јајце клетките им го дава дефинитивниот развој. Кога ќе се стави стоп инекцијата овулацијата ќе настапи за околу 40 часа при нормален циклус, но при ин витро аспирацијата т.е вадењето на јајце клетките ќе биде малку порано пред да настапи овулацијата.
АСПИРАЦИЈА НА ЈАЈЦЕ КЛЕТКИ – се прави во точно планирани часови по стоп инекцијата, најчесто по 34 – 37 часа. Оваа фаза е многу важна бидејки треба да се случи пред да настапи овулацијата. Зa време на оваа процедура ќе Ви биде даденa премедикација или краткотрајна анестезија. Зрелите јајце клетки се собираат со специјална игла за таа намена , водена од ултразвучна сонда со водач. Иглата преминува преку вагината и достигнува до јајникот и се започнува со аспирацијата на јајце клетките. После пункцијата може да имате слаби болки слични на тие како при менструација. Ќе останете неколку часа во ин витро центарот во специјална просторија подготвена само за Вас и ќе добите инструкции како понатаму?
ОПЛОДУВАЊЕ НА ЈАЈЦЕ КЛЕТКИТЕ – во ин витро лабораторијата јајце клетките се мешаат со сперматозоидите на вашиот партнер и наредниот ден се гледа колку од нив се оплодени. Оплодените јајце клетки се нарекуваат преембриони, кои во наредните денови ќе се набљудуваат дали правилно се делат. Кога ембрионите ќе достигнат определена етапа од својот развиток треба да бидат пренесени во матката.
ЕМБРИОТРАНСФЕР – е кратка, но многу важна процедура. Пред самиот ембриотрансфер ќе се договорите колку ембриони ќе бидат трансферирани во матката. За време на трансферот се става специјален катетер кој минува преку вагината, грлото на матката и влегува во матката. Преку тој катетер се ставаат ембрионите во матката. Ембриотрансферот e апсолутно безболен. После него ќе останете околу еден час во болнички услови по што и го напуштате ин витро центарот. Преостанатиот дел од денот ве советуваме да се одморите.
ТЕСТ ЗА БРЕМЕНОСТ – две недели после ембриотрансферот треба да појдете во ин витро центарот и да направите тест за бременост β-hCG во крвта. Не брзајте пред 14-тиoт ден од ембриотрансферот бидејки се послабо чувствителни домашните тестови.