НЕПЛОДНОСТ И ПРИЧИНИ ЗА НЕПЛОДНОСТ

by martin

Што е неплодност?

Под неплодност подразбираме неможност за забременување при редовни сексуални односи без употреба на контрацепција во тек на една година.Тоа е примарна неплодност. Постои и секундарна неплодност. Понекогаш доаѓа до бременост, но бременоста не може да се одржи до крај. Во тој случај станува збор за секундарна неплодност.

Зачнувањето е многу сложен процес. За да биде успешно зачнувањето, потребно е:

  • Да се создаде здрава сперма кај мажот.
  • Да созрее и да биде ослободена здрава јајце клетка во јајниците на жената.
  • Јајце клетката треба да биде вовлечена во јајцеводот и да го продолжи патот кон матката.
  • Сперматозоидот треба да го пробие патот до јајце клетката и да ја оплоди.
  • Оплодената јајце клетка треба да пристигне во матката.
  • Оплодената јајце клетка треба да се вгнезди во матката.
  • Доколку дојде до грешка во само еден дел од процесот, оплодувањето ќе изостане.

Доколку се обидувате да забремените, а тоа не се случило веднаш, нека не Ве фаќа паника. Шансите за успешно забременување во еден циклус, кај совршено здрав пар се околу 20%. Доколку до бременост не дошло и после една година обидување, препорачливо е да почнете со испитувања.

Кои се најчестите причини за неплодност?

Кај една третина од неплодните брачни парови, причината се наоѓа кај жената. За другата третина, причината е наплодност кај мажот. Кај една третина од неплодните парови, причината е комбинирана или пак непозната.

Од страна на мажот пореметувања во сперматогенезата од различна генеза, механички прицини, импотенција и др. Дел од нив може јасно да се дијагностицираат и третираат, но, сепак, во над 50 отсто случаи причините остануваат неразјаснети (идиопатски). Впрочем и наодите на сите релевантни светски институции во последните децении говорат за постојано намалување на вредностите на спермиограмот во глобални рамки, особено во развиените земји. Ова, пред се, се должи на современиот начин на живот и дејството на егзогените фактори.

Кај жената испитувањата се покомплексни и покомплицирани. Затоа секогаш прво се прави спермограм кај мажот, за да се исклучи како причина машката неплодност. На тој начин жената може се поштеди од мноштво непотребни неугодности.

Од страна на жената Морфолошки (механички) пореметувања (најчесто патологија на јајцеводите или матката и јајниците). Зголемената зачестеност на СПБ (сексуално преносливите болести), особено во услови кога постои недоволна едукација за заштита од нив придонесуваат до почеста афекција на јајцеводите и т.н. тубарна неплодност. Уште повеќе, мора да се знае и фактот дека две третини од инфекциите кај жената, вклучувајќи ги и баналните(непреносливи) проаѓаат без симптоми, а може да остават последици врз фертилноста.

Од друга страна, одлагањето на планирањето на семејство за после 30-тата година од животот придонесува до почеста појава на други болести како што е ендометриозата, на пример. Тоа е, во основа, бенигна болест, но може значително да ин­терферира со фертилнос­та кај жената. Миомите на матката се друг таков пример.

Хормонски пореметувања. Функцијата на женските полови хормони е во комплексна меѓузависност, но е под влијание и на други хормони како оние на штитната жлезда, надбубрежната, хипофизата, панкреасот итн. Голем дел од пореметувањата на овие хормони може да се третираат и да се постигне бременост и по природен пат, доколку останатите фактори, претходно на­бројани, се во ред. Во практиката, најважно е одредувањето на т.н. оваријална резерва(одредување на Фоликулостимулирачкиот хормон – ФСХ на третиот ден на менструалниот циклус или на Анти-Милеровиот хормон) која е најважен прогностички параметар за постигнување на бре­меност, независно дали по природен пат или со ИВФ. Добра оваријална резерва значи и добра прогноза за постигнување бременост.

Испитување и причина за неплодност кај мажи

Основни испитувања кај мажот се спермограм и спермокултура.

Со спермограмот се утврдува бројот, морфологијата и подвижноста на сперматозоидите во ејакулатот. Доколку има проблем најчесто се работи за:

  • Astenozoospermia – Бројот на подвижни сперматозоиди е помал од 50%.
  • Oligospermia – концентрацијата на сперматозоиди е помала од 20 милиони во еден милилитар.
  • Аzoospermia – отсуство на сперматозоиди во ејакулатот.
  • Teratozoospermia – во ејакулатот има помалку од 15% сперматозоиди со нормална морфологија.
  • Nekrozoospermia – нема живи сперматозоиди во ејакулатот.

Доколку спермограмот покаже некаков проблем, се продолжува со испитувањата за да се утврди потеклото на проблемот и се дава соодветна терапија. Се прави физички или ултразвучен преглед за да се утврди дали станува збор за вариколчела, се прават испитувања на хормоните во крвта и.т.н.

Со спермокултурата се испитува дали има некои патогени микроорганизми во спермата. Доколку ги има, проблемот се решава со антибиотици.

Испитување на неплодност кај жени

Основни испитувања кај жената се:

  • Гинеколошки и ултразвучен преглед. Се утврдува градбата на репродуктивните органи. Исто така со помош на ултразвук може да се следи дали има овулација.
  • ПАП тест. Покажува дали има промени на грлото на матката.
  • Микробиолошки брисеви. Се утврдува дали има некоја инфекција на гениталниот тракт.
  • Испитување на хормоните преку крвта. Се испитуваат хомоните на 3-от, 13-от и 21-от ден од циклусот. Преку резултатите од ова испитување може да се види дали имало овулација и дали причината за неплодноста е од хормонална природа.
  • ХСГ или хистеро-салпинго-графија. Кај ова испитување со посебен катетар се вбризгува контрастен раствор преку грлото на матката во јајцеводите на жената и се прави рентгенска снимка. Доколку јајцеводите се проодни, контрастот ќе се разлее во малата карлица. Ако јајцеводите се блокирани, течноста нема да може да помине низ нив. Оваа метода може да има и терапевтско дејство. Доколку се работи за мало затнување, понекогаш со вбризгувањето на растворот можно е да се отстрани пречката. Сепак како метода понекогаш дава непрецизни или погрешни резлтати.
  • Лапароскопија. Преку мал рез се воведуваат микрохируршки инструменсти во утробата на жената и со помош на мала камера на екран може визуелно да се утврди состојбата на органите. Ова е 100% сигурна дијагностичка метода. Доколку има потреба, при истата операција може да се направи и интервенција.
  • Имунолошки испитувања.

 

Слични содржини