Постхумна репродукција

by natasha

Новите репродуктивни технологии како инсеминација, ин витро фертилизација, сургат мајчинство,  постхумна репродукцијан, клонирање, не соочуваат нас луѓето со разни дилеми кои ги донесува брзиот технолошки развој, за кои можеби самиот човек не е спремен. Меѓу најбројните во овој текст ќе обрнеме внимание на замрзнувањето на сперматозоиди и користењето на истите по смртта на мажот или така наречено постхумна репродукција. Овој метод на репродукција стана можен со брзиот развој на медицината и биотехнологијата во последниве години, а самиот тој развој донесе и жестоки дебати во научните кругови и судниците низ голем број земји во светот.

Првата успешна бременост со замрзнати сперматозоиди е забележана во 1953 година од страна на др. Џером Шерман. Криопрезервација на семен материјал најчесто се препорачува на мажите кои се дијагностицирани со карцином, пред да започнат радиоактивна терапија. Додека пак првиот случај со зачувување на семен материјал после смртта е забележан во 1980 година од страна на Ротман, (30 годишен маж кој го изгубил животот во сообраќајка и неговото семејство побарало да се зачува негов семен материјал по неговата смрт).

Првиот и најважен чекор во оваа постапка се смета дека е потпишување на согласноста од мажот за користење на спермата за постхумна репродукција, за која потребно е да биде земен примерок во наредните 36 до 72 часа по смртта, со цел да се зголеми  успешноста на третманот. Иако сеуште не е утврдено колку години може да биде замрзната спермата за да може потоа успешно да се изврши оплодување и да се роди дете, но се претпоставува дека може да биде сочувана во период од 12 години до неколку стотици години.

Во зависност од различните законски регулативи во одредени земји судиите прават разлика помеѓу земање на примерок на спермата и користење на спермата. Постхумната репродукција законски е дозволена во Австралија, Белгија, Грција, Холандија, Велика Британија, Шпанија и во Македонија. Во голем дел од европските земји е забранета, а во останатите не е воопшто регулирана. Во различните религии не постои согласност , католиците ја отфрлаат, исламската религија исто така, а дозволена е само кај евреите. Како и во многу земји така и во Македонија семениот материјал мора да се искористи во рок од една година од земање на примерокот.

Меѓутоа како и секоја метода која се однесува на создавањето на нов живот и го доведуваат во прашање самиот концепт за тоа што сме ние и што претставува човечкото суштество, така и постхумната репродукција може да носи со себе далекусежни психолошки правни и економски последици врз децата кои се раѓаат по смртта на родителот. Но неизбежни се и етичките прашања кои следат.

Можеби едно од најчесто поставуваните е: Како би се одвивал животот на тоа дете растејќи без еден родител? Затоа што според Конвенцијата на ОН, со која се регулират правата на детето, нивното основно право е да тоа дете биде чувано, воспитувано и издржувано од двајцата родители и да го знае своето потекло. Основата на ова прашање тука е дали со постхумната репродукција не се прекршува основното право на тоа дете? Следно нешто на кое треба да се обрне внимание е дали навистина мажот би сакал да остави потомок, кој што нема да може да го запознае , ниту пак директно да учествува во неговото растење? (ова прашање најмногу се однесува на случаите кога семејството одлучува за него, а тоа е најчесто жената или мајката на мажот). Бидејќи доколку не постои пишана согласност, се поставува прашањето под кои услови би било разумно да се заклучи дека мажот го одобрува собирањето на семен материјал по смртта?

Одговорот се сведува на тоа дека оние кои одлучуваат за оваа процедура имаат судир на интереси, затоа што жената ја носи таа одлука поради нејзината желба да стане мајка, додека пак родителите на мажот на носат таа одлука да добијат потомок, или да го зачуваат споменот на нивниот син преку потомокот.

Кога би се запрашале дали да се дозволи постхумната репродукција (иако во нашата земја е законски регулирана), најмалку што треба да направиме е да бидеме спремни да најдеме одговор на барем едно од филозофските, етичките, религиозните моралните и правните дилеми кои се поврзани со смртта, репродуктивните права, одговорноста на родителите и општеството кон децата и нивните интереси.

Автор на текстот: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

 

Слични содржини