*Што за Вас значеше можноста да користите донирани јајце клетки?
Можноста за користење донирани јајце клетки за мене значеше шанса да остварам бременост. Моите оваријални резерви се скоро исцрпени со АМХ 0,01. Предходни 8 пункции од кои само 2 ембриона и два неуспешни трансфери. По оплодување на донираните јајце клетки имавме 5 високо квалитетни ембриони кои ги замрзнавме. Првиот трансфер на 2 ембриона беше со резултат бременост која дојде до срцева акција и за жал заврши со спонтан абортус во 8 недела.
*Дали постојат одредени услови кои требаше да ги исполните пред да почнете со постапката?
Пред да почнеме со постапка за ивф со донирани јајце клетки ние требаше да доставиме уредни инфективни скрининзи, а повеќе услови требаше да исполни донорката, пропишани во нашето законодавство, како хормонски статус, АМХ, генетски тестови, 4Д ехо итн. Плус правна и психолошка консултација и давање изјави на нотар.
*Имавте ли одредени карактеристики кои ги побаравте, и што Ви било понудено?
Нас донорката сама ни се понуди. Се уверивме во нејзината сериозна намера и сме бескрајно благодарни за хуманиот гест. Таа не е остварена како родител и имаше само 23 години.
*Се соочивте со некои недостатоци во текот на процедурата (правни или етички)
Недостатоци не особено, освен слабо термини во мој термин за еден генетски тест на ГАК. Сепак треба неколку месеци да се соберат сите документи и да се заврши процедурата.
*Дали би го откриле потеклото на Вашето дете?
Донор е моја братучетка. И дел од моите блиски го знаат тоа. Немам никаков проблем на таа тема.
*Постои ли нешто кое би го промениле во целиот процес?
Би променила можеби да можат испитувањата на донорката да се на терет на фондот. Би сакала да има едукација на жените за симнување на предрасудите на тема донација. Со тој чин придонесувате некои да се остварат како родители, тоа е доблест, хуманост и свесност за тоа дека проблемот со инфертилитетот е се почест и дека постојат начини да се помогне во таа борба…еден од нив е донација на јајце клетки. Ништо не губите со тоа, само покажувате човечност.
Бескрајно сум среќна и благодарна дека мојата млада братучетка е една од малкуте жени на овие простори која знае дека со донацијата прави добро дело и дека со тоа не ја намалува шансата да стане мајка кога ќе одлучи, затоа што тоа се само десетина јајце клетки во одредениот циклус кои и онака не би биле искористени.
Прашањата ги постави: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска
Одговори: Татјана Јосифоска
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!