Родителството е прилично важна и честа улога, што се смета како критериум да одредени луѓе бидат третирани како значајни членови на општеството. Но, исто така мораме да бидеме свесни дека голем број од паровите кои сакаат да бидат родители се соочуваат со инфертилитет. Благодарение на репродуктивние технологии, можат да најдат решение за нивниот проблем, меѓутоа самата тежина на процесот и имајќи го предвид нивото на социјално прифаќање на истите тие технологии, кое зависи од годините, нивото на едукација и културата на едно општество, дополнително го отежнува процесот.
Како што веќе е познато во нашата земја инфертилитетот и реподуктивните технологии сеуште се табу тема. Што поради стигматизацијата, што поради гордост, дел поради религиозни причини, и можеби најлошата од сите, необразованоста а со тоа и неинформираноста на луѓето. Непосветеноста на доволно внимание на овој проблем, преку литература, преку јавно говорење, за самата сериозност на инфертилитетот води до статус кво на оваа тема во едно општество.
Но, паровите се соочуваат и со далеку посериозни проблеми, а тоа се психичките последици од самиот почеток на процесот на ИВФ. Се смета дека емоционалниот проблем кој потекнува од инфертилитетот заедно со стресот е еднаков со загубата на близок член од семејството. Затоа можеби почетокот на ИВФ третманот е многу тешка одлука за одредни парови, бидејќи е поврзан со стресот од неможноста да се има дете по природен пат, всушност откажување на контрола врз нивните тела.
Поради долготрајноста на процесот, проследен со сите лекарства, паровите искусуваат одредени последици како анксиозност, депресија, чувство на вина (поради незадоволување на потребата на партнерот), инфериорност, страв и страдаат од промена на расположение. Но, едно од важните прашања се однесуваат на тоа, дали жените кои имаат потешкотии во справувањето со третманите за плодност, се исти со оние кои имаат потешкотии да го прифатат нивниот неуспех?
Малкубројните истражувања на оваа тема (поточно емоционалниот стрес) го истакнуваат интензитетот на стресот кој се појавува по првиот неуспешен ИВФ третман, но исто така зголемен емоционален напор после 3 години обидување, наречен и хроничен напор поради долготрајноста на самите третмани.
Неможноста да се зачне влијае и на нашето ментално здравје како поединка, но и како пар, во начинот на кој се гледаме себе си и во хармонијата и комунијацијата во бракот. Токму поради оваа причина се препорачува посета на психолог, пред да се започне со третманите и за нивното времетраење, со цел да се следи текот на комуникацијата во тие стресни моменти, но и да се зачува интимноста на самиот брак и покрај ИВФ процесот. Поради учеството на сите тие луѓе во еден процес, може да придонесе до чувство на губење на интимноста со партнерот која е клучен фактор во еден брак и во зачнувањето на дете, било тоа по природен пат или преку ИФВ.
Паровите се соочуваат и со сурова реалност каде што некогаш мора да прифатат дека постои можност и покрај сите тие третмани да не може да се зачне. Токму затоа овие парови имаат потреба од редефинирање на поимот “свое дете” и насочување кон други опции, како на пример посвојување.
Имајќи го ова во предвид, потребно е многу работа со сите оние кои се соочуваат со инфертилитетот и кои навистина се подготвени да ги прифатат предизвиците кои следат од самиот процес.
Автор на текстот: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!