Напредниот развој на репродуктивните технологии со себе носи потреба од поставување законска регулатива, која варира во секоја држава. Но, како и секој закон постојат одредени пропусти.
Во нашата земја на 13 март, 2008 година донесен е законот за одобрување на постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување (понатаму во текстот БПО). Со овој закон се уредуваaт правото на биомедицинско потпомогнато оплодување, условите за остварување на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување, безбедноста на донирањето, обезбедувањето, тестирањето, обработката, чувањето, дистрибуцијата и примената на клетките при вршењето на биомедицинско потпомогнато оплодување, правата и обврските на пациентот, здравствените работници и здравствените установи, условите за спроведување на биомедицинско потпомогнато оплодување, како и надзорот.
Во законот за БПО на нашата земја се дава предност на користење сопствени полови клетки (односно на брачните или вонбрачните парови) т.е автологно оплодување. Доколку во постапката не е можно користење на сопствени полови клетки, дозволено е да се користат донирани сперматозоиди, јајце клетки или ембриони од други лица, или алогеничко оплодување.
Најсложениот облик на хумана репродукција е сурогат мајчинството. Од сите можности кои им се понудени на брачните парови, најспорно е решението со кое се дозволува сурогат мајката да не биде оплодена само со ембрионот кој потекнува од парот, туку и со донирани јајце клетки или сперматозоиди, па дури и ембриони. На овој начин се поставува прашањето зошто воопшто сурогат мајка, кога парот нема никаква генетска поврзаност со детето? И зошто на пример парот не се одлучи да посвои дете, остварувајќи една хумана мисија?
Следна голема негативност во македонското законодавство е тоа што финансискиот надоместок кој треба да го плати брачниот пар кој ќе го добие детето надминува две просечни плати во нашата држава, без да се земе во предвид дека половина од населението живее со 1 до 2 просечни плати. Така што со ова македонското законодавство автоматски се става во функција да одлучува кој според финансиската состојба има право на дете.
Она што е многу важно да се напомене во контекст на финансиката состојба, е дека самата постапка на ин витро бара одредени терапии (лекови) кои се примаат со цел да се стимулира целиот процес. Меѓутоа во нашата земја тие лекови не се на позитивната листа, со што парот кој се одлучува за овој процес ги плаќа приватно. Тука повторно гледаме како финансиската состојба е на некој начин пречка за одредени парови и нивната желба за потомство.
Апропо на ова, примарни цели на нашето Здружение, До бебе по патот на ИВФ се да се стават поголемиот дел од терапијата на позитивната листа, и да се зголеми бројот на ваучерите за прво дете кои ги доделува Фондот за здравство кои во моментов се три. Бидејќи кај дел од паровите трите обиди не се секогаш доволни, а финансиската состојба е она што ги кочи да продолжат понатаму во остварување на нивниот сон, родителство.
Македонското законодавство прави уште една неоснована дискриминација, со тоа што право на БПО по пат на сурогатство имаат само брачни двојки. Со оваа ставка изоставени се вонбрачните парови, што е тешко да се прифати особено ако се има предвид дека во нашиот закон вонбрачната заедница во многу сегменти е изедначена со бракот.
Нелогично е тоа што во законот за БПО се предвидува дека како корисници може да се јават и вонбрачни партнери (освен кај сурогат мајчинството). Но, може да бидат корисници на постхумната репродукција (член 33став 2 законот за БПО – се предвидува дека во случај на смрт на мажот е дозволена постхумна БПО постапка, доколку тој пред својата смрт дал писмена согласност жената да биде оплодена). Она што не е земено во предвид со овој закон е дека се коси со ставката 3 од Женевската декларација за правата на детето од 1924 година, која гласи дека детето е прво кое треба да добие грижа за време на стресна ситуација, што донекаде тоа е невозможно ако е одлучено да расте без татко.
Донесувањето одредени закони во нашата земја се чини избрзано, можеби да се биде во чекор со светските трендови во репродуктивните технологии, но со прилично многу недостатоци, затоа што со спроведување на некои од нив се кршат одредени човекови права, можеби и основните. Потребни се сеуште дебати, истражувања, литература на оваа тема, како би се помогнало на луѓето кои се борат со инфертилитет и одредени законски регулативи.
Овој текст е краток приказ на неколку недостатоци во законодавството, но подетално може да се прочита во делото ”Новите репродуктивни технологии и правото” (глава X)- Дејан Мицковиќ, Елена Игноска, Ангел Ристов.
Автор на текстот: Магистар по филозофски науки во областа на етиката Деспина Петровска
*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!