Се започна во 2013 година кога една голема љубов се озакони со судбоносното “ДА”. Нашата љубов беше толку голема и решивме да ја комплетираме со проширување на семејството. Неколку месеци се обидувавме, но без успех.
Тогаш започна нашата борба за потомство. Отидовме кај специјалист за неплодност, каде ми беше дијагностицирано дека имам полицистични јајници. Ни беше кажано дека по природен пат неможеме да добиеме бебе…тоа беше шок за мене и мојот сопруг. Солзите кои ги пролеав ќе ги паметам додека сум жива. Од мојот сопруг имав безрезервна поддршка и љубов која тој тежок период ми помогна многу.
Прв чекор беше инсеминација која за жал заврши без успех. Ми беше дијагностицирана срцевидна матка по што следеше интервенција. Направивме пауза од шест месеци по операцијата и тогаш започна нашата Ин витро борба.
Направивме три Ин витра во рок од две години без посакуваниот позитивен тест. Болката беше неподнослива, солзите не запираа. Одлучивме да направиме пауза од една година, да се одмориме од се и потоа да продолжиме онаму каде што застанавме.
Со следното Ин витро, по пет години ги добивме посакуваните две цртки на тестот за бременот. Бевме пресреќни. Но, се што е убаво кратко трае, па така и во нашиот случај. Бременоста не беше во ред и следеше киретажа. Таа депресија никогаш нема да ја заборавам. По болно нешто немав почуствувано во животот. Неможев да се помирам со загубата. Таа болка може да ја разбере само оној кој што ја почуствувал. Поддршката на мојот сопруг многу ми помогна, ми помогна да застанам на нозе и да соберам сила да се обидеме повторно.
Направивме и шесто Ин витро. Повторно позитивен резултат но, овој пат среќата траеше уште пократко. Немав живот во мене. Болката ме гушеше, неможев повеќе ниту да разговарам на таа тема. Се чуствував толку празно, беспомошно и бесцелно.
Помина време и повторно собрав сила. Направив хистероскопија по совет на мојот доктор. Ги сменив навиките и начинот на живот. Започнав да одам во природа, да трчам, продолжив да живеам надевајќи се дека најлошото веќе помина и дека добри денови следат.
Го направив и моето седмото Ин витро. Повторно се соочив со негативен тест.
Мојот доктор се обвинува и преиспитува каде погрешил…но не е негова грешка…се е Божја волја.
Тоа е мојата досегашна приказна, но ќе бидам упорна, позитивна и нема да се одкажувам. Ќе бидам мајка. Еден ден ќе ја допишам мојата приказна, ова не е крај. Ќе напишам продолжение со бебе во раце. Најтешкиот пат ни е доделен токму на нас, најсилните жени. Имам само 36 години и ќе се борам се додека Бог ми дава здравје и имам надеж.
Б.К