Упорност, оптимизам и верба во успех – неопходни за успешнa приказна

by Ana Andreevska

Нашата приказна започна во Април 2011 година, го памтам месецот бидејќи беше непосредно пред нашата свадба. Тогаш, со сопругот за прв пат одлучивме да побараме стручна помош, бидејќи претходно цела година се обидувавме да добиеме бебе по природен пат. Сѐ уште го памтам прашалниот поглед на мојот сопруг гледајќи ме расплакана, излегувајќи од лекарската ординација со резултатот во раце. Ми беше кажано дека по природен пат нема шанси да добиеме детенце, ниту со инсеминации, тука да одиме директно на ин витро, бидејќи сопругот има дијагноза атсенотератозооспермија и само 4% активни сперматозоиди. После кратко време и мене ми беше дијагностицирана хипотиреоза и хошимото. Не можев да ја прифатам вистината, не можев да се помирам со фактот дека, нема да можам да имам деца по природен пат. Па почнавме со алтернативна медицина. Пробавме се што ќе слушневме. Разни чаеви, билки, „волшебни“ напитоци, медови и сл. Но, за жал подобрување на резултати кај сопругот немаше, а моите тироидни хормони и покрај терапијата „беснееа“. Тука завршивме со алтернативната медицина. Решивме да почнеме со ин витро постапката. Но овој пат, ни беше кажано дека шансите да останам бремена со инсеминација не се исклучени, па така по сугестија на докторот што ме водеше направивме четири инсеминации. За жал безуспешни. Ја почнавме првата ин витро постапка. Исполнета со многу оптимизам и надеж, верував дека ќе успееме уште со првото ин витро, без да претпоставам дека сум далеку од вистината. Одлука на докторот беше да почнеме со „појака“ хормонска терапија. Разочарувањето ми беше огромно, бидејќи моето тело „не ја прифати“ хормонската терапија соодветно. Имав хиперстимулација, огромни болки во јајниците, тахикардии, препотувања, несоници… и прокрварев пред да го видам резултатот. Повторно солзи, повторно нови испитувања. Но, собрав сила за второ ин витро, во друг амбиент, друга клиника, друг доктор, послаб третман со хормони, мојот организам добро реагираше овој пат, но за жал повторно прокрварев пред да го видам негативниот резултат. И пак, истиот пат, болка, солзи, разочарувања, непроспиени ноќи, испитувања. Следуваа и трето ин витро и уште три ин витра со замрзнати ембриони, сите безуспешни. Реков доста е. Се изморив од солзите, се изморив од тагата. Време е да си го „живеам“ животот. Со сопругот почнавме да спортуваме. Јас малку поинтензиво. Трчав секојдневно, вежбав пилатес, еднаш неделно се качував на Водно, но не престанав да се молам, бидејќи сепак длабоко во себе чувствував дека Бог ќе ми помогне и така си го наоѓав мирот. Повторно собрав сили за ново ин витро, седмо по ред, овој пат посмирена и порелаксирана, исполнета со оптимизам, со голема верба во себе и верба во успех. Кога го видов позитивниот резултат бев пресреќна. Имав бременост „како по книга“, но овој пат се соочив со нов предизвик, страв од неуспех, анксиозност, повторно непроспиени ноќи… па цела бременост ја поминав во претпазливост и мирување. За среќа сѐ се заврши добро, се роди Михаил, после седум години борба и многу пролеани солзи. Упорноста се исплатеше. Затоа, сите што го одите овој пат, мора да сте упорни во својата борба, да бидете исполнети со надеж, оптимизам и верба во успех, да ја надминувате брзо болката и секогаш да наоѓате сила да го продолжите патот, бидејќи упорноста доведува до успех.

Катерина Сапунџиева – Димова

 

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Слични содржини