Нашата приказна

by martin

Дозволете ми да Ви се претставам.

Плод сум на една долгогодишна приказна, приказна која доживуваше свои подеми и падови, среќни и плачливи денови.
Приказна која не се сеќавам ниту точно кога, ниту зошто започна. Но, стана трнлив пат, кој траеше и не се знаеше кога ќе заврши.

На тој пат запознав нови чувства, се соочив со страв од непознатото, немир во врска со иднината, копнеж за она што не знаеш ниту како изгледа, а сепак го посакуваш длабоко, многу длабоко во себе.
Порив што те тера да продолжиш и да не се откажеш ниту пред најголемите предизвици.
Мешавина од страв, храброст, пожртвуваност.
Надеж дека овој пат ќе има успех.
Копнеж по оној збор кој прави животот да добие смисла – родител. Тоа е приказната за ин витро оплодување.

И токму кога мислев дека секој е сам на овој пат и никој друг не ја разбира таа болка и празнина, токму тогаш започна мојот живот.

На почетокот само како реална потреба, понатаму како идеја, и на крајот како вистинско зачнување на плод кој е резултат на едно големо пријателство, разбирање и постојана взаемна поддршка.
Сплотеност на неколку различни приказни, вкрстување на нивните различни патишта, а на средината на таа раскрсница се најдов јас…

20.01.2020 година беше денот кога се родив.
Моето име е “ До бебе по патот на ин витро „.
До бебе по еден трнлив и маглив пат, но на крајот секогаш стои светлина.
Светлина која не можевме сами да ја видиме.
Светлина која исполнува се повеќе срца.
Денот кога започна да работи моето срце, кое ќе сплоти и многу други.
На тој ден започнавме да биеме заедно во еден глас и ќе продолжиме понатаму, сплотени…
Затоа што знаеме дека вреди, затоа што знаеме дека тоа е нашиот пат и немаме друг.
Затоа што заедно можеме да направиме многу повеќе за сите оние парови и поединци кои се соочиле со најголемиот предизвик во животот.

Неплодноста не е табу тема.

Неплодноста не е срам.

Да излеземе од тие рамки и да направиме нешто за себе, за оние кои сеуште се борат, како и оние кои некогаш ќе започнат…
Разбирањето и поддршката значат многу, да ја пружиме и побараме едни од други.
Затоа сме тука, затоа постоиме.
Затоа се бориме, едни за други, за уште многу нови и успешни приказни.
Затоа што ни е потребно функционално здравство и институции кои ќе ни излезат во пресрет.
Потребно е да го намалиме финансискиот товар.
Затоа што мораме да го олесниме овој пат. Затоа што можеме…Затоа што заедно ќе успееме…
Здружението, нашето заедничко бебе се роди.
Да му помогнеме да порасне и да биде среќно и успешно.
Само на тој начин ќе си помогнеме себеси и на сите оние кои се соочуваат со овој проблем.

Приклучете се и Вие и придонесете во неговиот раст!

*Содржината претставува авторско право на Здружението до бебе по патот на ин витро. Се забранува било каква употреба, копирање и умножување без претходно одобрение од Здружението!

Здружение До бебе по патот на ИВФ

Слични содржини